Македонците од Егејскиот дел на Македонија одбележуваат 75 години од крајот на Граѓанската војна во Грција

По повод 8 Септември – Денот на независноста, 75 години од крајот на Граѓанската војна во Грција (1946-1949) и организирање на Шестата средба на децата бегалци, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ и Општина Штип денеска организираат настан во дворот на црквата „Св.Константин и Елена“ во населба Балканска во Штип.

На средбата присуствуваа гости од државава и од соседните земји: Албанија, Грција и Бугарија. Програмата започна во 10.30 часот со свечен дел и ќе продолжи со културно-забавна програма.

Во организација на Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје, пак, денеска кај Катлановска Бања – Општина Петровец ќе се одржи традиционална средба.

Собирот започна во 10 часот пред Споменикот на платото на Катлановска Бања, каде цвеќе положија од делегација на Здружението Форум човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје и претставници на невладини организации, политички партии и други здуженија.