Палестина апелира помош за спасување на 9.000 болни од рак во Газа

Палестинското Министерство за здравство во Газа ја повика меѓународната заедница и групите за човекови права да ги зголемат напорите за подобрување на услугите за дијагностика и третман на илјадници пациенти заболени од рак, во Појас Газа кој е блокиран од израелските сили.

„Околу 9.000 пациенти со рак во Газа го чекаат неопходното лекување“, рече на прес-конференција претставникот на Министерството за здравство, Абдул Латиф Ал-Хаџ.

„Здравствениот систем на Газа страда од големи празнини во здравствената заштита за пациентите со рак, вклучувајќи рано откривање, дијагностички услуги, радиотерапија и третман со хемотерапија“, изјави Ал-Хаџ.

Тој апелираше до меѓународната заедница и институциите за човекови права „да ги преземат своите одговорности и да извршат притисок врз Израел да дозволи движење на пациентите во болниците во Ерусалим и Западниот Брег за лекување“. Според Министерството, бројот на смртни случаи од рак во Газа се зголемил за 12,5 отсто во 2021 година, јавува Anadolu.

Министерството ја обвинува израелската блокада на Газа за зголемувањето на починати од оваа болест, поради што енклавата има недостаток на радиотерапија и атомско скенирање. Многу пациенти во Газа главно зависат од болниците во Источен Ерусалим, Западниот Брег и Израел за да добијат третман за операции што не се достапни во Појасот.