Ванковска: Треба да станеме македонска нација во политичка смисла на зборот

По објавувањето на кандидатурата за претседателските избори од страна на Левица, професорката Ванковска гостуваше во емисијата „аргумент плус“ на Телевизија 24, каде сподели дел од своите ставови. Етнизацијата на државата Ванковска ја смета како клучен проблем во функционалноста на системот и додаде дека Македонија мора да стане политичка нација.

„Ние треба конечно да станеме нација, една нација, политичка нација, македонска нација во политичка смисла на зборот, а не етничка и доста е владеење на етноси. Нам ни треба демос. Многу умни луѓе, на конференции се разговара и така сите велат.“

Професорката смета дека за да се постигне ваков резултат е потребен нов Устав, каде поинаку ќе биде уреден етничкиот елемент во државата.

„Значи, од уставни правници до луѓе кои се од областа на правото и политичките науки, а сите се сложуваат дека Уставот ни е катастрофален, бидејќи веќе го изгуби ликот, нема дух, не знаеме дали е либерален или консоцијациски, односно етничкиов елемент од 2000, па се поставува прашање ако после дваесет и нешто години ние не сме ги преболеле раните лузни.“

На крајот професорката заклучи дека бројните уставни имени се резултат на рамковниот договор, кој не прекинато иницираше уставни измени, кои целосно го убија националниот дух како уставна заложба.

„Нели целата идеја на тој договор беше да се воспостави примирје, нормализација на односите, изградба, дури таму се спомнува граѓанско општество и унитарна држава. И сето тоа за да сега дојдеме до едно такво флуидно разбирање на тој договор, на кој крајот не му се гледа. Значи, секогаш има нешто плус и плус.“