Владите свесно го уништуваат образованието
- Пишува: Славко Митевски – Професор по одделенска настава и Советник од Левица во општина Карпош.
„Зошто владата не е подготвена да излезе целосно во пресрет на наставниците и професоритe?“ – можеби е едноставно прашање, за сепак да добиеме евтин одговор од владата дека ќе се раздвижела инфлацијата поради големиот број вработени во овој јавен сектор.
Но, целосната вистина е малку подалеку од погледот. Едноставно владата не сака на грб да ги има школството, здравството а судството, јавните добра (и приватните ресурси) сака да си ги приватизира. Ова се четирите столба кои ја прават државата јака, самостојна и способна да одговори на големи предизвици иако се работи за мала држава. Кога овие 4 столба ќе се срушат и државата ослабне, тогаш се појавуваат тајкуните, олигарсите и се си присвојуваат и неминовно доаѓа до клучната точка на овој увод а тоа е формирање на класа на потчинети работници и владејачка класа помеѓу кои разликите ќе бидат огромни на штета на работниците.
Нема да навлегувам подетално само ќе го спомнам тивкото приватизирање на здравството кое си ги покажа своите огромни слабости во време на кризата со короната. Судството е веќе марионетка во рацете на новокапиталистите и тоа е повеќе под очигледно. Енергетскиот систем се покажа дека функционира само кога треба да се дере кожата на работникот, но во криза владата ги „потпомогна“ со парите на даночните обврзници поточно на работничката класа. Јавните добра се приватизираа криминално а сега масовно се узурпираат и приватните ресурси со кои располага нашава државичка.
Последно но најбитно е докрајчувањето на образованието. Тука малку ќе навлезам во хронологија бидејки и претходниве сектори се уништуваат сукцесивно во последниве 30 години од партииве на власт.
Од осамостојувањето на Македонија прво на што погледна образованието беа „политичките елити“ кои наместо своите „миленичиња“ да ги упатуваат на учење и воспитување, тие извршија упад во системот на оценување па така добивме одделениа во „нивните“ училишта во кои сите ученици беа „скроз“ одлични па системот на оценување изгуби смисол, а со самото тоа и критериумите за запишување на повисоките образовни институции. Потоа се удри врз автономијата на универзитетот од кој всушност и се испилија новите политичари. Почнаа да летаат дипломи, 10 –ки од прoфeсорите кои скоро и да не се појавуваа на предавања и на испити туку си градеа луѓето политички кариери.
Сега доаѓаме до поентата која ќе го докрајчи образованието. Некои луѓе сфатија дека можат со еден удар во образованието да потепаат едно чудо муви, па решија да го вклучат приватниот сектор во сите степени на образованието. Прво почнаа со отворање на приватни странски факултети кои ни во своите земји не им дозволуваат да работат и беа далеку позади нашите универзитети на Шангајската листа, но битно се продолжи со „штампање“ на дипломи, но сега првата „мува“ се утепа и парите ги прибираат новите газди. За посиромашните деца се воведоа нови трошоци од по 400 евра за упис на државен универзитет бидејки државата не може да ги поднесе трошоците за студирање на сите ученици. Поточно кажано сиромашните деца ќе плаќаат за да се запишат на државен универзитет а богатите (заедно со политичката елита) ќе се стипендираат да студираат на странски универзитети.
Во меѓувреме, нормално квалитетот на високото образование вртоглаво паѓа и учениците почнуваат да се одвраќаат да студираат а тоа е втората „мува“ која се утепа со влезот на приватниот капитал во образованието. Со ова се доби уште повеќе неквалификувана работна сила која ја намалува вредноста на работникот, а умните наши влади ги спасуваат рабoтниците со воведување на „минималната плата“ која ја користат или пред избори или пред штрајк.
Се повеќе сме сведоци на отворање на „Нови“ приватни средни па и основни училишта се со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за поквалитетно образование, а во меѓувреме државата упорно ги намалува буџетите во државното образование. Во буџетот не предвидиуваат зголемување на платите на наставниците и инвестиции во закрпување на зградите на училиштата и градинките, а за нови едвај да се спомнува.
Ова им го наведов и на советниците на општина Карпош во која сум советник од Левица со укажување на лицемерието со која ги гласаа буџетите за градинките и осмолетките во кои нема пари за покачување на платите на наставниците и другиот персонал, ниту за тековно одржување на објектите. Нема пари за дефектолози и логопеди во градинките и тоа проаѓа без коментар, но за статутите на приватните градинки со две раце гласаа. Не прашаа колку се плаќа во приватните градинки, дали тие градинки имаат дворови и општи услови да бидат градинки. Не прашаа зошто за тие градинки не важи инклузијата на децата роми и не влегуваат во реонизацијата на градинките и училиштата а сепак го пореметуваат планирањето на капацитетите.
Со напливот на приватните градинки како прв степен во образованието, очигледна е намерата на олигарсите и политичката елита, од мали нозе да ги дели децата на класи и јасно дава на знаење дека сите нема да имаат исти можности понатаму во животот. Сепак какви такви, државните градинки и училишта сепак даваат пристојни услуги што ги определува повеќето граѓани да ги запишат таму. Ова страшно им ги попречува плановите на оние што сакаат да инвестираат во приватното образование и нормално влијаат на власта и понатаму да продолжи со намалување на буџетите за државните училишта и градинки до нивно конечно уништување. Дури тогаш луѓето ќе сфатат каква штета е направена бидејќи во недостаток на конкуренција во цената и квалитетот, приватните училишта и градинки драстично ќе ги покачат цените и истите ќе станат привилегија само на богатите а недостапни за сиромашните родители кои ќе мора сами дома да си ги чуваат децатa и со тоа да останат со една плата помалку.
Наставниците ќе се снаоѓаат кој како умее, но и нивната цена ќе падне поради вишокот што ќе се створи со затворање на државните градинки и училишта.
Ова нема да биде толку далеку од сега доколку народот не застане цврсто против одлуките на оваа и досегашните власти, да се намалуваат буџетите и платите на вработените во образованието.
Власта која не е дел од народот размислува едноставно:
-Многу пари одат од буџетот за вработените во здравството и образованието, приватниот сектор може да го преземе;
-Услугите ќе се наплаќаат и ќе подлегнуваат на даноци со што државата ќе приходува;
-Ќе им се помалку писмени луѓе што ќе размислуваат и ќе биде полесно да се манипулираат;
-Сиромашните ќе умираат и нема да бидат на товар на фондовите;
-Ќе има евтина работана сила;
-НИЕ ЌЕ СИ ГИ ПОЗЛАТИМЕ ДВОРОВИТЕ.
Се’ уште не е доцна, време е да преземат мерки. На власт треба да дојдат нови луѓе кои нема да се одвојуваат од народот но кои заедно ќе ги преживуваат и тешките и убавите моменти.
Левица го може тоа.