Растот на туризмот и очекуваните девизни приливи од него во Република Македонија

  • Пишува Никола Петров, Координатор на Левица – Сектор туризам.

После стабилниот раст на бројот на туристи, ноќевања и девизни приходи од туризмот од 2016 година со 244 милиони долари до 395 милиони долари во 2019 година, имавме драстичен пад на девизниот прилив од туризам во пандемиската 2020 година со само 252 милиони долари. Во 2021 година се остварени девизни приливи од 385 милиони долари.

Споредбено со бројот на туристите со земјите од поранешна СФР Југославија, Република Македонија е на шесто претпоследно место од сите републики во поранешната заедничка држава. За Косово ќе напоменеме дека податоците со од 2019 година. Ако за Хрватска и Србија за очекување е високиот број на туристи, не можеме а да не забележиме дека извонредно висок резултат има Словенија со над шест пати повеќе туристи отколку Република Македонија.

Во однос на вкупниот број ноќевања нашата држава е повторно на последно место, пред Косово (резултати од 2019) и повторно споредувајќи со Словенија имаме над седум пати помалку број на ноќевања. Ноќевања во милиони имаат остварено сите републики освен Македонија, како и во просечниот број на остварени ноќевања кои кај нас се најмалку со 2,3.

Во однос на дојдовните туристи, во Словенија предничат Германците, Австријците, Италијаните, Чесите, додека во Босна и Херцеговина тие се туристите од Србија, Обединети Арапски Емирати, Хрватска, Саудиска Арабија и други. Во Република Македонија најголем број дојдовни туристи се од Германија, потоа Грција, Албанија, Бугарија, Косово, Турција, Србија и други.

Очекуваниот раст на девизните приливи од над 400 милиони долари годишно реално е да се очекува, но не само по себе. Фактори кои ќе придонесат до очекуваниот раст се зголемениот број на дојдовни туристи како и зголемување на просечниот број на ноќевања. Туристите кои доаѓаат од соседството, претежно за викенди и празници не се доволни за креирање на поголем раст на туризмот и девизните приливи. Очигледно е недоволната посетеност на Република Македонија од туристите од Блиски Исток, Обединети Арапски Емирати, Руската Федерација, како и туристи од Далечниот Исток, Кина, Кореја, Јапонија и други далечни земји и секако зголемување на бројот на традиционалните израелски туристи.

Согласно податоците од Државниот завод за статистика, во периодот од 2016-2020 година може да се забележи дека на територијата на Република Македонија, позастапен туризам е езерскиот за разлика од планинскиот туризам.

Истиот тренд се бележи и кај домашните и кај странските туристи, односно и странските и домашните туристи повеќе ги посетуваат туристичките места кои што нудат езерска рекреација.

Ова е многу важно, бидејќи знаеме дека езерскиот туризам е сезонален, и ако сакаме да го зголемиме бројот на дојдовните туристи преку целата година, треба да створиме услови за одржлив целогодишен туризам преку таргетирање на дејности и исполнување на услови кои се интересни за таа категорија на туристи.