Крмов: Власта и во кризна состојба нема волја да ги укине сопствените привилегии
Левица поднесе предлог-закон со кој и работниците ако останат без работа, да добиваат апанажа, исто како и функционерите. Левица бара во случај некој работник да остане без работа, од државата да добива цела плата. Колку месеци да трае тоа, да зависи од тоа колку време работеле во компанијата.
„Ова е нашиот втор обид да ја корегираме една голема неправда. Првиот обид беше да се укине апанажата за функционерите, но, власта очигледно немаше слух дури и во кризна состојба да си намали од привилегиите.
Штом не може да се укине апанажата за функционерите, тогаш ние побаравме да се намалат условите за паричен надоместок за работниците, односно да се изедначат. Ние ги бришиме тие десетина услови, кои мораше работникот да ги исполни за да добие надоместок.
Дополнително, работникот (според стариот закон) може да земе максимум 50 проценти надоместок – а функционерите 100 проценти! Со нашиот предлог, и работникот ќе може да земе 100 проценти надоместок.
Ова е еден вид анти-кризна мерка за работниците, кои што очигледно ќе губат работа во ваква економска криза. Очигледно е дека кај нас имаме две класи, иако наводно по Уставот сите сме еднакви. Тоа е владејачката класа (поврзана со бизнис-секторот) и сите останати и за владејачката класа апсолутно важат поинакви услови.”
Изјави пратеникот Борислав Крмов од редовите на политичката партија Левица.
Инаку, предлог – законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност беше поднесен пред нешто повеќе од две недели, а истиот сеуште не е ставен на дневниот ред во Собранието.