Светскиот економски поредок се руши – Загрозена е доминацијата на доларот

Конфликтот на големите сили ја става под закана привилегираната позиција на доларот како резервна валута. Монетарниот поредок веќе е оспорен од напорите за дедоларизација и дигиталните валути на централните банки.Доколку има се помалку тргување со долари, а воедно и помало купување на американски државни обврзници, ќе бидат загрозени посебните привилегии што ги има доларот како меѓународна резервна валута.

Светскиот економски поредок во кој САД беа неприкосновен владетел, а доларот беше водечка валута сега се менува, пишува за Фајненшл тајмс Золтан Пожар, стратег на Credit Suisse Bank. Золтан Пожар е шеф на глобалната стратегијата за краткорочни каматни стапки во Кредит Свис (Credit Suisse).

По крајот на Студената војна, светот во голема мера уживаше во униполарна ера – САД беа неприкосновен хегемон, глобализацијата беше економскиот поредок, а доларот беше избраната валута. Но, денес, геополитиката уште еднаш поставува застрашувачки сет на предизвици за постојниот светски поредок. Тоа значи дека инвеститорите треба да ги пресметуваат новите ризици.

Кина проактивно пишува нов сет на правила додека ја повторува Големата игра, создавајќи нов тип на глобализација преку институции како што се Иницијативата „Појас и пат“, „Брикс+“ групата на економии во развој и Шангајската организација за соработка, како сојуз за колективна безбедност од осум земји.

Додека беше под карантин, Пекинг создаде посебен однос со Москва и Техеран. Овој однос со Русија, помага да се прошири Иницијативата„Појас и пат“, на Кина преку арктичките бродски линии. Кон крајот на минатата година, го видовме првиот самит меѓу Кина и Советот за соработка во Персискиот залив, а со тоа и продлабочување на врските на Кина со ОПЕК+. Сето ова може на крајот да доведе до „еден свет, два системи“.

Ако се движиме од униполарен свет, кон новиот мултиполарен, и ако Г20 се подели во камповите на Г7 плус Австралија, Брикс+ со неврзаните, невозможно е овој раздор да не влијае на меѓународниот монетарен систем. Растечките макроекономски нерамнотежи во САД дополнително придонесуваат за овие ризици.

Монетарниот поредок заснован на доларот веќе се оспорува на повеќе начини, но два особено се издвојуваат: ширењето на напорите за дедоларизација и дигиталните валути на централните банки (CBDC).

Дедоларизацијата не е нова тема. Започна со почетокот на квантитативно олеснување во екот на финансиската криза, бидејќи земјите со суфицит на тековната сметка се налутија пред идејата за негативни реални приноси на нивните заштеди. Но, неодамна, се чини дека темпото на дедоларизација се засили.

Во текот на изминатата година, Кина и Индија плаќаа за руски стоки во ренминби, рупии и дирхами од ОАЕ. Индија започна механизам за плаќање во рупии за својата меѓународна трговија, додека Кина побара од земјите од Советот за соработка во Персискиот залив (GCC) во текот на следните три до пет години целосно да се префрли трговијата помеѓу нив на Шангајската берза за нафта и природен гас со цел плаќање во ренминби. Со проширувањето на Брикс надвор од Бразил, Русија, Индија и Кина, дедоларизацијата во трговските текови може само да се зголемува.

Дигиталните валути на централните банки (CBDCs) може да ја забрзаат оваа транзиција. Кина ја промени стратегијата преку која го интернационализира ренминбито (Кинеска дигитална валута). Со оглед на тоа што финансиските санкции се спроведуваат преку билансите на западните банки и бидејќи овие институции го формираат столбот на кореспондентниот банкарски систем, кој го поткрепува доларот, користејќи ја истата мрежа за интернационализација на ренминбито, само го зголемува ризикот од дедоларизацијата. За да се заобиколи доларот, им беше потребна нова мрежа за меѓународни трансакции.

Низ целиот свет, но особено во глобалниот исток и југ, CBDCs се шират како пиреј со повеќе од половина од централните банки во светот кои истражуваат или развиваат дигитални валути со пилот истражувања. Според ММФ тие ќе бидат сè повеќе меѓусебно поврзани. Централните банки меѓусебно поврзани преку CBDCs во суштина ја рекреираат мрежата на кореспондентни банки на кои работи системот на американски долари – само наместо на кореспондентни банки, повеќе се мисли на кореспондентни централни банки. Појавата на мрежата базирана на CBDC – наметната со билатерални линии за размена на валути – може да им овозможи на централните банки на глобалниот исток и југ да служат како девизни дилери за посредни валутни текови помеѓу локалните банкарски системи и сето тоа без да се користи доларот и без да поминуваат трансакциите низ западниот банкарски систем.

Промената е веќе во тек. Вишоците на тековните сметки на Кина, Русија и Саудиска Арабија се рекордни. Сепак, овие вишоци во голема мера не се рециклираат во традиционални резервни средства, како што се државните трезори, кои нудат негативни реални приноси при сегашните стапки на инфлација. Наместо тоа, видовме зголемена побарувачка на злато, стоки, и зголемување на геополитички инвестиции како што се финансирањето на Иницијативата Појас и Пат и помагањето на сојузниците и соседите на кои им е потребна помош, како Турција, Египет или Пакистан. Остатокот од вишоците се повеќе се чуваат во банкарските депозити во ликвидна форма за да се задржат многу потребните опции во светот што се менува.

Во финансиите сè е за маргиналните текови. Овие се најзначајни за најголемиот маргинален заемопримач – американското Министерство за финансии. Доколку се фактурира помала трговија во американски долари и има сè помало рециклирање на вишоци од долар во традиционални резервни средства, како што се државните трезори, „огромната привилегија“ што ја ужива доларот како меѓународна резервна валута може да биде намалена и уништена.