АктуелноЛокално

Крмов: Постоечкото законодавство не ги зaштитува земјоделците туку е про-бизнис ориентирано

На вчерашната прес-конференција пратеникот од редовите на Левица, Борислав Крмов, зборуваше за предлог-измените во Законот за земјоделство и рурален развој. На почетокот од излагањето, пратеникот нагласи сомневање во тоа дека зад откажувањето на протестите најавени од оризопроизводителите стои притисок од власта.

„Вчера требаше да има протест на оризопроизводителите, тој протест е откажан, ние се сомневаме дека тука се работи под притисок на власта. И, не само оризопроизводителите тука ги имаме и лозарите и производителите на сите друг земјоделски култури, периодов најавуваат протести, затоа што ги мачат проблеми кои 30 години не се решени.“

Проблемот во актуелниот закон пратеникот Крмов го гледа во неговата про-бизнис ориентираност, каде трудот на земјоделците е целосно запоставен.

„Главниот проблем е што постојниот закон речиси воопшто не ги заштитува земјоделците, туку е про-бизнис ориентирано и ги заштитува само трговците и преработувачите, коишто се еден вид посредници и фактички ништо не произведуваат туку живеат од трудот на земјоделците.“

Актуелниот закон не предвидува финансиска гаранција од преработувачите и трговците за договорите за гарантираниот откуп кој што е планиран за следната година. Со измените предложени од Левица, тие ќе бидат обврзани да имаат финансиски документ со кои ќе докажат дека имаат средства да го откупат родот за кој склучиле договор.

Со измените во овој Закон, пратениците од Левица бараат максималниот рок за исплата на средства на земјоделците се сведува на 30 дена, со можност ако исплатат аванс од 30 посто да им се продолжат до 60 дена. Во актуелниот закон периодот на исплата е 3 месеци.