Венецуела меѓу Сцила и Харибда: работниците се на потег

На 12 април 2002 година, Хуго Чавез е уапсен со државен удар. Следниот ден Педро Кармона, претседателот на Федекамарас (водечка бизнис организација) е поставен за претседател на Венецуела. Владата на САД го признава и поздравува новиот претседател, конечно светот може да спие мирно од „страшната“ Боливарска револуција. На 13 април, илјадници граѓани предводени од група генерали и војници лојални на Чавез излегуваат на улица и влегуваат во зградата на претседателот. Државниот удар е неуспешен.
По враќањето на Чавез на власт, врската помеѓу опозицијата, бизнис елитите, синдикалната бирократија и Чавез никогаш нема да се поправи. Чавез безмилосно го напаѓа естаблишментот и општоприфатениот непишан договор за тоа како општеството треба да функционира, од национализација на нафтениот бизнис, до создавање бесплатно здравство. Чавез прави напори да го подобри животниот стандард, во што е делумно успешен. Во тој процес успева да си навлече моќни непријатели однадвор, имено САД, на кои не им се допаѓа идејата најголемите нафтени резерви на светот да бидат национализирани од страна на човек кој во секоја укажана прилика ги критикува (тука спаѓа и делот каде што го нарекува Буш „ѓаволот“ среде ОН).
Чавез умира во март 2013. Неговиот наследник е Николас Мадуро, избран за претседател во земја зависна од продажба на нафта во период кога цените на нафтата се во пад. Ниската цена на нафтата, во комбинација со тоа дека Венецуела никогаш не прави обид за диверзификација на својата економија, ја втурнуваат земјата во длабока економска криза.
Како резултат на кризата, опозицијата освојува парламентарно мнозинство на изборите во 2015. Од тој момент тие стапуваат во политичка војна со Мадуро. Користејќи го парламентарното мнозинство, почнуваат да ги блокираат сите реформи предложени од претседателот, од изградба на станови за социјално ранливите групи и жртвите на елементарни непогоди (кои биле план на Чавез), до договори за соработка со Русија.
Додека двете страни водат жестока битка за превласт, економијата е во слободен пад, има голем недостаток на храна, лекови и други неопходни производи, инфлацијата е веќе надвор од контрола. Со целата ситуација тргната кон хуманитарна катастрофа, опозицијата комплетно ја напушта надежта за економско закрепнување и се насочува кон само една цел: оставка на Мадуро. Претседателот, не можејќи да ги спроведе мерките поради парламентарната блокада од опозицијата, се соочува со драстично опаѓање на поддршката и одлучува да направи чекори кон централизација, со одлуката на врховниот суд од 29 мај.
Врховниот суд, кој му е наклонет на Мадуро, на 29 мај носи одлука со која што одзема дел од ингеренциите на парламентот. Како резултат на оваа одлука, опозицијата на 1 април организира насилни протести. Судот по неколку дена ја повлекува одлуката, но веќе е доцна. По месец и половина насилни протести има жртви од обете страни, иако повеќе од страна на подржувачите на Мадуро, бројката надминува 40.
Во целиот овој хаос треба да се разгледаат неколку работи. Опозицијата, фатена под рака со западните медиуми, тврди дека живеат под диктатура. Ова го тврди од времето на Чавез, но вистината е дека Чавез и Мадуро се избрани демократски, на избори кои немаат никакви нерегуларности и на повеќето од изборите резултатите на двете страни не се ниту приближни. Од друга страна, избегнуваат да спомнат дека „кутрата“ опозиција е, всушност, елитата во државата т.е. последното упориште на капитализмот во Венецуела, кое чека со полно срце да ја приватизира целата индустрија.
Тука треба да се спомне и учеството на западните медиуми, кои, очигледно, одамна имаат избрано страна, со оглед на тоа дека државниот удар од 2002 бил пренесен како мирен протест. Инсистирањето на западот дека протестите се мирни е чиста пропаганда, факт е дека за време на протестите се нападнати амбулантни возила, запалена е судница, нападната е воздухопловна воена база, уништени се здравствени установи и автобуси.
Со ситуација која наликува на почеток на граѓанска војна, останува да се види во која насока ќе оди целата ситуација. Од една страна, постои опцијата за меѓународна интервенција, затоа што, ако нешто нè има научено историјата, тоа е дека таму кај што има нафта, има и можност за носење „демократија“ од страна да САД, по примерот Либија, Сирија и други земји. Од другата страна е опцијата политичките субјекти да седнат, да си го голтнат егото и интересите и да се обидат да најдат некој заеднички пат кон решавање на кризата.