Крмов: Левица е единствената партија што ДУИ не може да ја уценува и контролира
Откако минатата недела на седницата за гласање на доверба во Владата не се појави Кастриот Реџепи, и истата заврши без кворум, уште еднаш дојде до израз колкаво е влијанието на ДУИ врз останатите политички партии, пред се врз оние кои ја претставуваат албанската етничка заедница.
Непосредно по оваа седница започнаа шпекулации во јавноста, која од политичките партии ќе го преземе мнозинството во собранието, дали ќе се задржи постоечката или пак државата ќе добие нова Влада.
ДУИ овој период се обидува да се наметне како супериорна партија на македонската политичка сцена, нешто за што во пракса и се создаде одредена перцепција во јавноста. Но, ваквото демонстрирање моќ остава впечаток дека е резултат на политика на уценување и угнетување. Она што е интересно е дека оваа партија не може да оствари никаква релација со Левица.
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов отворено влезе во борба против ДУИ, за кого сметаат дека е политичка партија која е најголем непријател како на албанскиот така и на македонскиот народ. По изјавата на Груби дека ДУИ има контакт со сите останати политички партии освен со Левица, Крмов на социјалните мрежи напиша статус во кој вели дека ова е голем комплимент за партијата.
„Единствената партија што ДУИ не може да ја уценува и што не може да ја контролира. Отпорот во оваа држава почнува и завршува со Левица! Поголем комплимент од ова здравје“, стои во објавата.