Локално

Левица Град Скопје – Попишување и пренамена на сиот недвижен имот од јавна сопственост

Кандидатите за советници на Левица за Град Скопје предлагаат создавање на сеопфатен регистар за попишување на сиот недвижен имот од јавна сопственост. Потоа, како што велат ,во тесна соработка со возобновениот Завод за урбанизам и архитектура, како и други релевантни домашни научни институции ,ќе бидат изработени и реализирани проекти за реновирање и пренамена на овие објекти.


Скопје изобилува со објекти во сопственост на град Скопје или во државна сопственост кои се нефункционални, запуштени или пак недоволно искористени. Со цел максимално искористување на сите такви објекти ќе создадеме сеопфатен регистар на објекти од јавна сопственост преку попишување и регистрирање на сиот недвижен имот. Овој регистар ќе биде основен показател за целокупниот недвижен имот со кој располага градот Скопје и државата на територијата на градот.

Регистарот ќе биде првиот чекор кон подобро искористување на овие капацитети. Во тесна соработка со возобновениот Завод за урбанизам и архитектура, како и други релевантни домашни научни институции ќе бидат изработени и реализирани проекти за нивно реновирање и пренамена. Притоа, од особена важност за Левица ќе биде пренамената на овие објекти да решава приоритетни проблеми за граѓаните.

Затоа, неискористените објекти ќе бидат реновирани и пренаменувани во: дневни центри за деца и возрасни со посебни потреби со соодветни стручни лица негуватели вработени од страна на општината; маалски младински клубови кои ќе служат како центри за дружење, едукација и култура; пензионерски клубови; центри за колаборативна работа, каде граѓани на општината ќе можат по достапни цени да изнајмуваат бироа и/или канцеларии; центри за воншколски активности (музичко, уметност, спорт, танци) во соработка со општините на Градот, на локации низ град Скопје каде во моментот не постојат такви можности.