АктуелноЛокално

Паркот во Карпош 4 се намалува – градежните компании сопственици на голем дел од парцелите

Беше најголемо ветување за време на изборната кампања во 2017 година. Денес, паркот кој требаше да се подигне во Карпош 4 е вистинска депонија. Иако требаше да биде готов најдоцна во 2020 година, активности воопшто нема, а она што ги загрижува жителите на Карпош 4, но и останатите населени места е фактот што дел од парцелите се во сопственост на повеќе градежни компании.

По тој повод, локалниот огранок на Левица Карпош излезе со реакција обвинувајќи го Стефан Богоев и СДСМ за манипулација на Карпошани.

Целосната реакција на Левица Карпош следи во продолжение:

„Паркот во Карпош 4 беше главното ветување на Стефан Богоев и СДСМ за време на кампањата во 2017 година. Иако во изборната програма крајниот рок за изградба беше 2020 година, активностите за паркот се’ уште не се започнати. СДСМ и Стефан Богоев првично ги демантираа гласините дека во близина на паркот ќе се градат згради, реалноста е сосема поинаква. Значаен дел од земјиштето на кое првично се планираше и ветуваше паркот сега е во сопственост на повеќе градежни компании.

Од имотните листови добиени од Катастарот на Република Македонија се гледа дека сопственици на парцели се: Настел, градежната компанија Ривер Плус, СМС Шопс, Гранит, но и бројни физички лица (В. Алиу, М. Алили, К. Алили, Х. Османи, С. Фета, Б. Амед, М. Бектеши…).

Оттука се поставуваат повеќе прашања:

1. Колку згради СДСМ им вети на овие градежни компании?

2. Дали барањата на овие градежни компании се пречката за отпочнување со изградба на паркот?

3. На кој начин овие компании и физички лица станале сопственици на овие атрактивни парцели?

4. Зошто се дозволува во непосредна близина на бунарите во Нерези да се градат згради?

5. Дали паркот е само уште една предизборна манипулација?“