НАТО остана реликвија од минатото

Пишува: Тодор Кацаров

Во овие денови кога НАТО се повлекува од Авганистан да се потсетиме за што беше основан и која беше неговата намена. По завршувањето на Втората светска војна и поразот на нацистичка Германија, како и почетокот на Студената војна, беше формирана Северноатлантска договорна организација НАТО, со цел  да се зацврсти влијанието на САД врз европскиот континент како и “да ги држи ‘лошите’ Руси надвор од Западна Европа”.

Односно, НАТО беше создаден да ги задржи Американците внатре, Европјаните долу а Советите надвор од Европа. Денес, по завршетокот на Студената војна и настанувањето на нова ера во меѓународните односи, пропагирањето на биполарниот модел и распадот на неговиот пандан Варшавскиот пакт, како и воведувањето на мултиполарниот модел на меѓународни односи, НАТО остана реликвија од минатото.

Во периодот после распадот на Советскиот сојуз, НАТО беше користен за уништување на голем број земји како: Југославија, Авганистан, Ирак, Либија, – најчесто под наративите на „Заштита на човековите права и слободи, и борба против тероризмот“. Зачленувањето на Република Македонија во НАТО беше со цел да се бетонира американското влијание на Балканскиот полуостров и осигурување на Вардарската долина како геостратешка точка.

Ова наше членство во НАТО за граѓаните на Република Македонија е непотребно!

Од безбедносен аспект најголема закана за Република Македонија преставуваат внатрешните етнички конфликти, за кои НАТО не пружа никаква заштита и напротив, како што историјата ни укажува, воениот пакт бил дестабилирачки фактор во такви случаеви.

Од економски аспект членството во НАТО преставува голем товар за нашата држава. Згора на тоа секоја година плаќаме по 1 милион долари за членарина и одвојуваме 2% од БДП наменет за одбрана, односно 11 милијарди денари (колку што изнесува оваа година). Дополнителен товар претставува обврската за инвестирање и модернизација на армијата, како што и беше случајот со набавката на оклопни возила во вредност од 210 милиони долари, што ќе чини уште многу повеќе во периодот кој ќе следува. Истите тие средства можат да бидат пренаменети за изградба на болници, училишта, патишта како и помош на ранливите категории на граѓани.

Додека нашата влада купува оружје за некоја имагинарна војна против измислен непријател, обичниот човек размислува како ќе го преживее месецот.