АктуелноЛокалноСтав

Урбаната мафија сте вие, корумпирани градоначалници и советници

Пишува: Виолета Аврамоска – модератор на ЛО Левица – Охрид и член на Централен Комитет на Левица.


Сите вие душегрижници од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои со најбезобразно лицемерие глумите загриженост за Охрид и опасноста Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО, зошто не спроведувате ревизија на досегашното работење на сите градоначалници од осамостојувањето до денес? Вие сакате да ги санирате и тоа селективно само последиците од урбаниот хаос, кој некои од вашите редови го направиле, но не и да побарате одговорност од истите тие што функцијата Градоначалник ја искористија за свои лични интереси и за нивно богатење. Ајде да одиме по ред.

Зошто се случи урбаниот хаос во Охрид и илјадниците дивоградби и тоа во заштитен појас на градот? Колкави и какви беа интересите на градоначалниците кои работеа ортачки со бизнис-елитите во градежништвото? Зошто не беше направена ревизија на работењето на градоначалникот од редовите на СДСМ со најголем број мандати, од страна на ВМРО-ДПМНЕ и од нивниот градоначалник Бакрачески? За време на градоначалникот со најголем број мандати (3 или 4) се случи најголемиот урбанистички хаос во Охрид.

Зошто во Секторот за урбанизам со години постојат резервирани броеви за легализација на дивоизградени објекти и тоа градени по донесувањето на Законот за легализација од страна на Груевски? За еден таков објект знам со сигурност. Беше изграден во месноста Горица, од страна на личност која Бакрачески ја вработи како фотограф во Општина Охрид. Што фотографираше и кого го фотографираше, тоа трeба да го утврдат надлежните. Секако, го плаќаа граѓаните на Охрид за нишај врата, земај плата.

Зошто Општина Охрид е превработена со нефункционални партиски кадри? Безброј ЗОШТО. Зошто граѓаните на Охрид да ви ги плаќаат вашите криминално заработени бесни автомобили, нелегално стекнатите станови и куќи, вашите хациенди – дивоградби , заради кои сложно си го изгласавте Законот за легализација, кој да потсетам не го потпиша Претседателот Пендаровски?

Престанете со вашето лицемерие ако навистина сте загрижени за Охрид. Го уништивте градот. Поради вашите криминали, градот остана празен и пуст. Прочешлајте го веќе еднаш работењето на сите досегашни градоначалници и утврдете законска одговорност на сите кои се огрешиле од законот и кои ја злоупотребиле својата функција. Редно е некој да сноси одговорност за уништувањето на Охрид.

Кога спомнувате урбана мафија, каде вие ја лоцирате урбаната мафија? Во градежните фирми? Не господо, урбаната мафија сте вие, корумпираните градоначалници и нивните соработници, корумпираните советници во Општина Охрид, корупцијата во Секторот за урбанизам, корумпираната градежна инспекција. Корупцијата која длабоко е навлезена во сите пори на локалната власт, било да е таа од СДСМ или ВМРО ДПМНЕ, веќе со децении наназад, таа ја создаде урбаната мафија. Без вас, корумпирани криминалци, немаше да постои урбана мафија, зашто токму вие со вашата корумпираност, алчност и ненаситност за нелегално стекнување на вашето богатство сте творци на урбаната мафија во Охрид. Затоа доста со вашето безобразно лицемерие.