Македонските повоени композитори и нивната борба за издигнување на Македонскиот музички живот од 1944 година до осамостојувањето на Р. Македонија
Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.
Од 1944 до 1991 година е направено се во областа на македонската класична музика. После Втората светска војна, првите пет генеарции на композитори активистички работеле на издигнување на музичкиот живот во НР Македонија, во ослободената татковина. Првата, и едно од најважната генерација на композитори ја сочинувале група од седум композитори: Јосиф Чешмеџиев (1890 – 1964), Стефан Гајдов (1905- 1992), Тодор Скаловски (1909- 2004), Трајко Прокопиев ( 1909 – 1979), Живко Фирфов ( 1906- 1984), Петре Богданов – Кочко (1913 – 1988) и Глигор Смокварски (1914 – 1974).
Вредноста е во тоа дека овие седум композитори деноноќно работеле во издигнување на македонската музика за сето тоа време што било испуштено и воведување на квалитетниот прозападен елемент во хармонизирањето на македонскиот музички фолкор. Ова се иницијаторите на првиот Симфониски оркестар во Македонија на 24 Ноември, 1944 година. Тоа беа првите чекори за формирањето на Македонската филхармонија и Операта. Во оваа група на композитори ја гледаме традицијата на тоа што денес како самостојна држава го имаме и по што Скопје не се разликува од останатите метрополи и главни градови во Европа, а тоа е дека имаме филхармонија и опера. Во 1954 година е напишана првата македонска опера „Гоце“ на Кирил Македонски. Да потсетиме дека во 1945 година бил основан хорот на Радио Скопје под диригентство на Стефан Гајдов. Формирани се првите основни и средни музички училишта. На 1 декември, 1966 година започнува да работи Високата музичка школа, денес веќе Факултет за музичка уметност во Скопје. Во 1950 година е формиран институтот за фолклор “ Марко Цепенков” каде се собирале, мелографирале и обработувале музичко-фолклорни матерјали од сите краишта на Македонија. Во 1975 година се формира Медиевистичка секција “Владимир Мошин” во рамките на Струшка музичка есен, која работи на дешифрирање и изведба на дела од музичкото духовно минато. Изведена е Затоустовата литургија на Атанас Бадев, воедно и песнопенија од Св. Климент Охридски, Св. Јован Кукузел, Калистрат Зоографски и др. Под дешифрација на Сотир Голабовски. Се отворија музички фестивали (Охридско лето, Мајски оперски вечери, Тетовски хорски одѕиви и фестивалите на забавната мелодија во Скопје и Штип) кои до ден денес го носат најголемиот квалитет во самостојна Македонија.
Македонската химна која остана лична карта на Македонија, според текст на Владо Малевски, е компонирана од Тодор Скаловски. Тоа е еден историски факт за борба за слободна татковина. За прв пат Химната се пее во Струга, на новата година 1941- 1942 година во куќата на Сотир Шута. На неа учествувале активисти на НОБ. После Втората светска војна таа е средена со аранжман на Тодор Скаловски и со неколку измени во текстот е прогласена за химна на Македонија во времето на Југославија, се разбира таа е химна и денес во самостојна Македонија.
Во една објава во тогашниот весник „НОВА МАКЕДОНИЈА“, на ден 19.01.1947 година се појавува наслов „ДЕНЕС МАКЕДОНСКИТЕ МУЗИЧАРИ ОСНОВУАТ СВОЕ ДРУШТВО“. На тој ден во 9 часот во просториите на Радио Скопје се одржа основачко собрание на Друштвото на продуктивните и репродуктивните музичари на Македонија. Покрај поздравите на крајот беше избрана управата на Друштвото во следниот состав: Петре Богданов – Кочко како претседател, Тодор Скаловски како потпретседател и Славко Костовски како секретар, Васил Ќортосев како Касиер, Живко Фирфов, Васил Ѓаконовски – Шпато и Александар Шалевски како членови. За прв пат во Македонската историја, македонските музичари се обединија со заеднички сили и со успех допринесоа многу за тогашниот општествен живот. Во 1949 година Министерството за наука и култура на Владата на ФНРЈ со дописот бр.III/1196 од 25 Мај истата година да ги извести републичките здруженија да се формираат два сојуза: за композиторите и за репродуктивните музички уметници. Сето ова се одвиваше толку бргу што веќе на 12 и 13 Февруари 1950 година во Белград беше одржан конгрес на Сојуз на композтири на Југославија, а на 22 Април истата година во Загреб беше формиран Созјузот на здруженијата на музичките уметници на Југославија. Сето ова го увиде тогашното Министерство за култура и наука на владата на ФНРЈ, дека е неопходно да има поголема размена помеѓу републиките и така тие да се поврзат меѓусебно. Така се формира прво Друштво на композитори и Друштво на уметници на Македонија и на 19 Јуни, 1950 година се одржа првото основачко собрание на друштвото на композитори на Македонија. Тоа се секако Тодор Скаловски, Стефан Гајдов и Глигор Смокварски. Договорени се осум точки како задачи на кои ќе работат на остварувањето на истите, со ентузијастички подвизи за развивање на македонското музичко творештво во однос на социјалистичката култура на нашиот народ во тоа време се до подршката и помагањето на младите и идни генерации на композитори. Врз основа на тие правила Министерството за внатрешни работи на НР Македонија од 11 Јуни, 1951 година го одобори формирањето на работата на друштвото на композитори на Македонија. Ова се историски факти чии докази се пишани во „СОКОМ“ и општо во историјата на македонската музика. Ова се композиторите кои ја создадоа музичката историја за неполн век. Времето на поранешната Југославија за која не сакаме да зборуваме. Одредена група на млади луѓе зборуваат за тоа каков бил тоталитарниот режим во социјализмот, а наспроти нив манипулациите на некаков квази национализам кои ги фрли во заблуда другата група на млади луѓе од кои 50% од нив не ни знаат кој ја направил македонската химна и се друго што се случило пред осамостојувањето на Р. Македонија.
Црковното влијание било единственото тло врз која продолжила базата на македонското музичко творешто во текот на Османлискиот период, после падот на Византија. Речиси воопшто се немало никаков контакт до македонските уметници од тој период, a многу малку историски факти. После тоа, во 19 тиот век се случила задоцнетата ренесанса на македонската музика. Тоа било таа музичка преродба до поделбата на Македонија во 1913 година која после тоа музичкиот живот бил подложен на асимилација врз македонскиот народ, “сардисан” од сите страни. Во овој период можеме да се пофалиме исто така со одредени композитори кои генерално пишувале духовна музика и се препознатливи во Црковниот Духовен Музички свет. Тоа се претежно монаси и протопсалти. Секоја чест за нивното творештво, но тоа не дава голема плодност во однос на плодноста што се случила од 1944 година до 1991 година, па и денес. Неоспорно е дека Југославија беше “атеистичка” земја, како многу што ја нарекуваат, но на никого не му беше забрането да компонира и пишува Духовна Православна музика. Напротив, ние можеме да се пофалиме покрај развивањето на апсолутната и програмската музика, хорскиот живот стана побогат. Се пишуваа многу дела за хорови со духовен карактер, поготово во првата генерација на повоени композитори. Денес во самостојна Р. Македонија, младите луѓе кои веруваат во новото глобално време треба да научат и да знаат со што се соочувала македонската музика во минатиот век и каде е најголемата преродба на македонската класична музика во Македонија. Значењето на работата на тогашните композитори го донесоа напредокот кој за жал ние го отфрламе преку системот на образованието и преку промените кои ги трпи Р.Македонија денес. Го згазивме нивниот труд, наместо да го надградиме. Дали со “комуњари” (зборот измислен од неписмените фрустрирани “интелекти” во Македонија, појавени во јавниот живот после осамостојувањето) да ги нарекуваме сите овие културни дејци кои ја издигнаа културата во Македонија? Младите луѓе, кои денес се занимаваат со музичката дејност во Македонија, треба да знаат дека овие композитори и нивни дела треба да ги негуваме со почит и да учиме од нивната борба како е да се биде вистински активист во било каков вид на преродбеност во уметноста.
Академски граѓанин, М – р