Изгласано „фамозното“ зонско паркирање во Карпош

  • Фејсбук статус на Славко Митевски, Советник од Левица во Општина Карпош

На вчерашната 9-та седница на советот на општина Карпош се изгласа фамозното зонско паркирање во општина Карпош со здружени сили на ДПМНЕ, СДС, ГРОМ и едната советничка од независните.

Само советниците од Левица беа против и една од независните советнички беше воздржана.

Да, Навистина паркирањето во Карпош станува ноќна мора но не е исправно да се санираат само последиците без претходно да се проба да се решат проблемите кои можат да ослободат многу паркинг места.

Како прво треба да се види колку хаварисани и заборавени возила има на територијата на Карпош и да се изнајде законско решение за нивно одстранување. Ваков закон не би требало да биде проблем со тоа што веќе постои правна регулатива која вели дека НЕ регистрирано возило не може да се движи на јавен простор па зошто тогаш може да се паркира на јавен простор.

Второ, требаше да се спроведе мерка за опомена и потоа санкција за оние кои треба да обезбедат паркинг за своите возила во својот објект или простор што е регулирано со законот за градба кој за жал не се почитува а и зошто би го почитувале граѓаните кога никој за тоа не ги опоменал и казнил.

Трето. Општината, не само во овој мандат туку и во минатите нема направено ниту едно јавно паркинг место со монтажни или катни гаражи со изговор дека нема средства.

Четврто. Државните и јавните објекти кои функционираат на територијата на општината да се задолжат да изградат паркинзи за своите потреби како што инспекторатот ги задолжува приватните да си обезбедат одреден број паркинг места согласно големината и намената. Тогаш Катастер во Тафталиџе и министерство за Економија во Козле (и многу други), во кој има голем број на вработени и секојдневни корисници, немаше да создаваат проблеми на жителите.

Петто. Да се престане со изградба и набивања на згради во веќе постоечките населби кои немаат доволно простор. Ова всушност е и најголема причина кој го направи проблемот со недостаток на паркинг места.

Кога самата држава не се труди да ги спроведе законите и свесно прогледува низ прсти на несовесните граѓани и институции, тогаш се доаѓа до вакви решенија во кои народот, кој еднаш преку даноци, комуналии, регистрации на возила, плаќа за јавниот собраќаен простор, сега ќе плаќа уште еднаш.

Ставот на Левица по ова е јасен дека јавниот простор е сопственост на народот и од него не може да се профитира па макар тоа било и јавно препријатие кое повторно од иситите тие граѓани наплаќа „Услуга“.