Социјалистичкиот и работничкиот периодичен печат во Македонија во периодот на младотурското владеење (1908 – 1912 год.) (II дел)

По еден жесток напад од В. Главинов врз Социјалистичката федерација, неговите приврзаници засекогаш истапиле од неа. Дотогаш тие влегувале и во редакцискиот колегиум на весникот. Секако дека и овој факт придонесол за исчезнувањето на „Работнически весник“, зашто по ова време настанале расправии околу неговите фондови.

Некои нови научно-истражувачки резултати го верифицираат тврдењето на Д. Влахов дека по ова време Солунската социјалистичка федерација го издала седмичникот „Социјалистичка федерација“ и весникот „Solidaridad Obrera“ (Работничка солидарност), на грчки, шпанско-еврејски и турски јазик.

Почнувајќи од 1 октомври 1910 година, во Скопје се појавил весникот „Социјалистичка зора“, издаван на српски јазик. Отпрвин тој излегувал доста нередовно, а подоцна – двапати месечно. Средствата за неговото издавање ги обезбедувала скопската социјал-демократска организација, за чиишто орган се сметал и самиот весник. Негови основачи и главни соработници биле македонските социјалисти Михаил Цоков, Душан Цекиќ, Петре Георгиев и Стоја Дивлев. До август 1911 година, „Социјалистичка зора“ се печатела во Белград, а потоа во Скопје, во таканаречената Прва српска печатница „Вардар“. По ова време, како сопственик и одговорен уредник на „Социјалистичка зора“ се јавува Петре Георгиев. Последниот број на „Социјалистичка зора“ излегол, пред самите балкански војни, на 6 септември 1912 година.

По својата идејно-политичка физиономија, овој македонски социјалистички весник, воглавно личел на Главиновата „Работничка искра“. Впрочем, до појавата на „Социјалистичка зора“ скопската социјал-демократска организација го сметала за свој орган имено Главиновиот двомесечник. А тоа покажува дека и „Социјалистичка зора“ ги содржела и ги ширела сите оние идејно-политички недостатоци, за кои веќе стана збор. Посебно далекосежно негативно значење имала конфузијата по националното и аграрното прашање во Македонија, со каква биле исполнети колоните на овие два весника. Причините за тоа треба да се бараат во фактот дека обете овие македонски социјалистички гласила, односно групи, стоеле под силно влијание на бугарската тесносоцијалистичка, односно на српаската социјал-демократска партија.

Во периодот од мај 1911, па до крајот на истата година, единствениот најзначаен социјалистички весник во Македонија бил „Социјалистичка зора“. Тоа резултирало, од една страна, од фракционерската расцепканост во социјалистичките редови, а од друга, од реакционерната политика на младотурската влада, која токму тогаш како таква најсилно и се изразила.

Меѓутоа, во врска со вторите парламентарни избори во Турција (јануари-април 1912), кои биле придружени и со извесно попуштање во политиката спроведувана од младотурците, настапило повторно оживување во политичкиот живот на Македонија. Во тие услови се појавил весникот „Работник“, како седмичник и орган на Работничката социјал-демократска федерација во Солун. „Работник“ претставувал продолжение на органот на Солунската федерација. Тој излегувал на бугарски јазик. Негов одговорен уредник бил П. Дрмов, а се печател во Солун. Излегле вкупно 19 броја. Во почетокот на март 1912, „Работник“ ја објавил изборната програма на Работничката социјал-демократска федерација, во која биле осудени едновремено, махинациите на егзархиско-врховистичкиот реакционерен изборен блок, на младотурците, како и на турската политичка опозиција. Тоа покажува дека Федерацијата застанала на прогресивни политички позиции во дадениот политички миг. Работничката социјал-демократска федерација во изборните борби не се врзала ни за владејачките режимски турски партии, ниту со која и да е агентурска политичка група, меѓу кои на македонската политичка сцена доминирале групите на бугарската Егзархија, на неоврховистите и на грчките шовинисти во Македонија. Застанат на независни политички позиции, „Работник“ можел да соработува со македонските граѓански политички групи во Солун и му бил близок на Јане Сандански и на неговите следбеници.

Овде само одбележуваме дека Димитар Влахов не е во право кога тврди во своите спомени, дека во вторите парламентарни избори бил кандидиран за народен пратеник од Работничката социјал-демократска федерација во Солун. Покрај неговата дијаметрално-спротивна изборно-политичка позиција од онаа на Федерацијата, тоа го потврдува и покренувањето на еден нов лист од него. Листот бил редактиран само на турски јазик; излегувал во Солун и се викал „Миџаделе“ (Борба). Под редакција на Димитар Влахов, од него излегле сè на сè четири броја, зашто се издавал, како што вели и самиот тој специјално во време на изборната кампања.

Од другите социјалистички гласила посебно одбележување заслужува списанието „Начало“ (Почеток), врз чии страници, како места на издавање стојат Солун и Софија, а се печатело во Софија. Неговиот поднаслов гласи „Месечен политически, социален и литературен преглед“, а излегувал под редакција на Никола Харлаков, Павел Делирадев и Ангел Томов. (Подоцна „Начало“ било редактирано само од Н. Харлаков). Месечниот преглед „Начало“ излегувал од 25 октомври 1908 до 25 јули 1912 година. Во него посебно значење имаат прилозите што излегувале од перото на д-р Крсто Раковски, призната величина во меѓународното, а посебно во балканското социјалистичко движење. Инаку, Раковски ја сметал Младотурската револуција како важен фактор на прогресот воопшто, и посебно како фактор за разрешување на националните проблеми во Отоманското царство. Во 1909 год., тој пишувал: „Се борев и ќе се борам за консолидација на новиот режим во Турција.“

Невозможно е да се утврди во колкава мера било пласирано „Начало“ во Македонија, но неговото големо изворни-документационо значење за студирање на овој период од балканската, турската и македонската историја, не доаѓа под сомневање. Раковски одржувал добри врски со Димитар Влахов и со Социјалистичката федерација во Солун, а во 1910 година, ги посетил Солун и Воден. Тогаш во Солун одржал неколку јавни предавања. Поради впечатоците што тогаш ги понесол од Македонија, а наскоро и ги публикувал д-р Крсто Раковски бил остро нападнат, меѓу другите, и од истакнатиот македонски неоврховист Христо Матов.

Крајната разединетост меѓу социјалистичките и другите леводемократски струи, нивните меѓусебни фракциски борби, авантуристичката политика на младотурците, агресивниот шовинизам внесуван во Македонија од соседните монархии и сл. сè заедно што оцртувало една мрачна перспектива, сториле во Солун, при крајот на 1911 година, да се појави илегалниот лист „Фар“, од кој излегле само три броја. Тој бил издаван од конспиративниот социјалистичко-анархистички кружок „Црвени браќа“, составен од гимназисти и други темпераментни и гневни млади луѓе.

Нашата слика за ширењето на социјалистичките идеи во Македонија не би била комплетна, ако не би ги, макар, само напоменале и тогашните цариградски  и други социјалистички весници. И тие, бездруго, вршеле определено влијание врз политичката расположба, особено кај турските прогресивни средини во Македонија.

Во септември 1910 година била основана таканаречената Османска социјалистичка партија (Osmanli socialist firkasi) која имала значително влијание во работничките и други трудбенички и сиромашни класи. Нејзин орган бил весникот „Ištirak“ (Здружение), редактиран од Хусеин Хиљми. Други турски прогресивни и социјалистички весници биле „Išči“ (Работник), основан во 1909, „Socialist“, „Muahede“ (Единство), „Argat“ (Работник), „Insaniet“ (Човештво) и др. Османската социјалистичка партија воспоставила врски со познатиот француски социјалист Жан Жорес. Тесни врски со француските и други европски социјалисти одржувала и Солунската социјалистичка федерација, за разлика од социјалистите околу Васил Главинов, кои речиси, единствено биле свртени кон бугарските и српските социјалисти. Во мај 1909 една група грчки работници во Цариград основала своја организација и публикувала неколку броја од еден мал весник, под наслов „Ergatis“ (Работник).

Кога се има предвид фактот дека многумина истакнати македонски социјалисти и социјалистички симпатизери биле уредници или активни соработници и на други несоцијалистички гласила, може да се заклучи дека македонската социјалистичка мисла, наоѓала пат до масите низ колоните и на овој печат. Такви биле периодичните изданија на Народната федеративна партија „Конституциона заря“ (Конституциона зора), Солун, 1908 со редактори Димо Хаџи Димов, социјалист, и Пере Тошев, револуционерен демократ (во него забележливо соработувал и македонскиот социјалист Димитар Мирасчив); „Единство“ (Солун, 1908), редактиран од веќе споменуваните Д. Влахов, А. Томов и П. Делирадев; „Народна волја“ (Солун, 1909-1910) под редакција на А. Томов и Д. Влахов; и други.

Своевидна улога на сталешко-синдикално гласило (особено по 1911) играл органот на Учителската организација, солунскиот двоседмичник „Учителски глас“. Во третата година негов редактор бил санданистот Анастас Митрев, а во него соработувале многумина македонски учители-социјалисти и социјалистички симпатизери. Покрај другото, тој си поставил за задача да се бори „за одбрана на професионално-сталешките и материјалните интереси на учителите“.

Разни прашања од доменот на работничките интереси и на синдикалните борби во Македонија, повремено третирал и прогресивниот весник „Le Progrès de Salonique“ издаван во Солун на француски јазик. Во него, во летото 1910 година, Димитар Влахов (под псевдоним Marcel Valter) публикувал серија од статии во одбрана на работничките права и на социјалистите во Турција. „Le Progrès de Salonique“ ја следел работата на Првиот конгрес на тутунските работници од Македонија и Тракија, кој се одржал во Кавала во летото 1911 година.

Освен тоа од значење за ширењето на социјалистичките идеи во Македонија биле и разните повремени социјалистички изданија на брошури, календари, летци и слично.

Во овој период во Македонија бил пласиран социјалистичкиот печат и од соседните земји, пред сè, од Бугарија и Србија. Се пласирала и друга социјалистичка литература. Но на ова, во рамките на овој наш прилог, не наоѓаме за умесно да се задржуваме.

Од друга страна, некои од оние социјалисти што работеле во Македонија соработувале во социјалистичкиот печат на соседните земји. А. Бенарој, на пример, публикувал неколку опширни статии за работничкото и социјалистичкото движење во Македонија, односно во Турција, во гласилата на Српската социјал-демократска партија.

Макар што овде презентираниот преглед на социјалистичкиот и работничкиот печат во Македонија, во означениот период, е повеќе информативен одошто аналитичен, истиот укажува на едно значително богатство и на една широка разновидност на социјалистичкиот и нему близок прогресивен печат. Но овој факт во исто време ги илустрира и големите и различни разногласија во тогашните македонски социјалистички и други прогресивни општествени струења.

Извор: Социјалистичкиот и работничкиот периодичен печат во Македонија во периодот на Младотурското владеење (1908-1912 год.) / Манол Пандевски; Гласник на Институтот за национална историја, год. 17, бр.1, 1973 година, 147-156

I дел: Социјалистичкиот и работничкиот периодичен печат во Македонија во периодот на младотурското владеење (1908 – 1912 год.) (I дел)


Во оваа едиција ќе бидат (пре)објавувани текстови кои во текот на историјата доследно ги опишувале, објаснувале, толкувале и, со еден збор, ги разбирале политичките, економските и социјалните состојби во кои се наоѓал народот кој ја населувал територијата на Македонија во XIX, XX и XXI век. При изборот на текстовите, ќе влијаат неколку критериуми, меѓу кои: прецизноста на анализите кои ги содржат, јасноста и разделноста на аргументацијата, вредностите кои ги застапуваат. Ќе се претпочитаат оние текстови кои застапуваат вредности кои ги интегрираат сите народности на територијата на Македонија, а важен критериум ќе е текстовите да бидат дополнително приоретизирани според влијанието што го извршиле на политичката стварност низ годините во Македонија. Сумирано, задачата што оваа едиција си ја предназначува е потретирање на севкупната политичка стварност во Македонија сè со цел современата теоретска мисла, која се обидува да ги опфати современите околности во кои се наоѓа Македонија, да може полесно да ги препознае контурите на македонската политика, како и соодветно да го води својот развој во дослух со нив.

Се надеваме дека овие текстови ќе послужат, пред сè, како провокација за размислување, а потоа и како правец во кој може да се движи критичката политичка мисла, но и како лакмусова хартија со која би се оценувала политичката зрелост на народот коj живее во Македонија.