Левица: Заев е директно одговорен за бегството на неговиот побратим Мијалков
„Бегството на главниот и одговорен организатор на криминалите од времето на Груевски и екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, воопшто не изненадува. Напротив, ова е само уште една потврда за јавната тајна дека власта на чело со премиерот Заев и СДСМ се во тесна врска со сите првообвинети од случаите, кои СЈО ги отвори како резултат на „бомбите“, кои пак Заев селективно ги објавуваше од опозиција за време на т.н. „Шарена револуција“.
Повеќе од јасно е дека ова не е „пропуст“ на Министерството за внатрешни работи кое го води Спасовски. Очигледно е дека и во овој случај, како што беше случај и со претходните бегства на осудени криминалци, раководните структури на МВР се директни соучесници во исполнување на ветувањата, кои премиерот Заев ги даде на криминалците од претходниот режим. Да се потсетиме, токму зборовите на Заев беа дека од него „зло нема да видат ни Сашо, ниту пак Груевски“. Без криминалниот дел на ВМРО-ДПМНЕ не ќе беше реализирана и неуставната промена на името, за што Заев во изјава потврди дека Мијалков разговарал со осумте пратеници и ги охрабрувал да гласаат за Преспанскиот договор. Очигледно слободата за Сашо Мијалков е награда од Заевизмот за устоличувањето на Северна!
Кога станува збор за заштита и унапредување на криминалот и корупцијата, СДСМ и Заев како предводници на власта, покажаа дека сѐ што ветија – исполнија и реализираа. Но, кога се работи за ветувањата со кои ја прелажаа пошироката јавност, од нив останаа само слоганите и флоскулите со кои се служат само уште ситно поткупените партиски поттрчковци и лукративни бивши шарени револуционери.Од „живот за сите“ и „нема правда, нема мир“ – видовме само семејни тендери и партиски вработувања; тесна соработка со највисоките криминални структури; лично богатење на функционерите од власта и „бројчаникот“ кој Зоран Заев, како тогашен лидер на опозицијата, го ветуваше на партиските митинзи како регистар на украдените народни пари, кои требаа да бидат вратени во буџетот на државата. Сега остана само истиот бројчаник да се надополни со украдените пари од времето на Заевизмот како надградба на Груевизмот!
За надминување на политичката криза во која се наоѓа државата, не е доволна само оставката на Владата, туку и кривична одговорност на функционерите од истата и формирање на преодна влада која ќе спроведе фер парламентарни избори!” – се наведува во реакцијата на политичката партија Левица.