Кафеана на место на опожарените бараки: Контроверзен објект никнува во Карпош спротивно на ДУП-от
На местото на некогашните бараки на Заводот за урбанизам и архитектура на булевар „Партизански одреди“ во скопската Општина Карпош, кои беа опожарени во април 2017 година, деновиве се појави нов објект – кафеана. Иако според Деталниот урбанистички план (ДУП) на оваа локација е предвидена намена за образовни институции, просторот е веќе уреден како угостителски објект и активно се рекламира на социјалните мрежи.
Новата кафеана се наоѓа во непосредна близина на Институтот за социолошко и политичко-правни истражувања и средното училиште „Здравко Цветковски“, спроти бензинската пумпа на „Макпетрол“. Објектот што се гради ја следи истата површина и габарит како претходниот, но функционално е целосно различен.
Од Општина Карпош велат дека инвеститорот има дозвола за „обновување на објектот во првобитна состојба“, согласно Законот за градење. Според документацијата, се обновува деловен простор, иако не е прецизирана неговата конкретна намена. Од таму не одговорија на прашањето кој е подносител на барањето за обновување, со оглед на тоа што земјиштето е сопственост на државата – Република Македонија.
И покрај тоа, на Инстаграм-страницата на новата кафеана секојдневно се објавуваат фотографии и видеа од градежните активности и внатрешното уредување на локалот, што покажува дека отворањето е во завршна фаза. Во дворот веќе се поставени маси и столици, а угостителскиот објект што претходно се наоѓал на друга локација, наскоро треба да започне со работа на оваа спорна позиција.
Овој случај отвора низа прашања за транспарентноста и примената на урбанистичките планови, но и за третманот на јавниот имот. Граѓаните на социјалните мрежи веќе реагираат на ваквото прекројување на просторната намена, додека институциите остануваат без конкретен одговор.
Веста е превземена од СДК.