НАТО и царевата нова облека

  • Колумна за Нова Македонија на претседателскиот кандидат на Левица – Билјана Ванковска

Идната недела ќе се одбележи (или премолчи) 25-годишнината од НАТО-интервенцијата врз тогашната СР Југославија. Но, колку и да се ревидира историјата, некои од нас не само што паметат туку и немаат страв да ја кажат вистината. Со тој чин, преземен без одлука на Советот за безбедност на ООН, Алијансата им зададе фатален удар на темелите на меѓународното право. Не дека дотогаш тоа функционираше којзнае колку добро, но воздушната кампања требаше на светот да му прати порака за униполарниот момент,

односно хегемонијата на САД/Западот. Имав можност да го посетам седиштето на ОН во Њујорк три години подоцна, па во момент на искреност, првиот човек одговорен за „чување на мирот“ призна дека пролетта 1999 година, сите во таа огромна зграда на Ист Ривер верувале дека дошол крајот на Повелбата и поредокот што таа го постави/замисли. Во тоа време НАТО го славеше и својот 50-ти роденден, и тоа во Вашингтон. Во роденденската еуфорија, НАТО си додели глобална улога на операции „надвор од својата територија“, а во име на божемна заштита на човековите права. Тоа Ноам Чомски со право ќе го нарече „нов војнички хуманизам“, а подоцна и „хуманитарен империјализам, нова доктрина на империјалната десница“. НАТО излезе од рамките на својот Статут, вршејќи напад врз суверена држава што не беше закана ниту за Западот ниту за НАТО, а уште помалку за светскиот мир и безбедност. (Патем, неколку земји членки на Алијансата во таа пригода ги повредија и своите устави.)

Но, во услови кога глобалните односи на моќ им го овозможуваа тоа, западните сили се прогласија за најправедни и најповикани да дејствуваат каде што ќе посакаат и кога ќе посакаат, а легитимитетот (т.е. оправданието за своето империјално однесување) го крстија како доктрина „одговорност да се заштити“. Со други зборови, секогаш и секаде кога тие ќе оценеа дека граѓаните се под терор или насилство на својата влада, Западот имаше „морална одговорност“ да дејствува. Навидум хумано, но во стварноста тоа беше само отворање на портите на пеколот за цела низа држави во кои САД го бранеа својот „национален интерес“ (покрај глобалниот, божем хуманиот). НАТО (читај, САД) застана/а над меѓународното право и моралот, па, така, и не беа повикани на одговорност за воените злосторства врз цивили и цивилни објекти.

Циничниот израз „колатерална штета/жртва“ влезе во речникот преку портпаролот Џејми Шеа, кој секојдневно ја информираше јавноста и изразуваше жалење за евентуалните „грешки“ (меѓу кои и еден конвој од деведесетина косовски Албанци, кои по грешка беа бомбардирани). Сè досега неколку остатоци од разурнатите згради среде Белград сведочеа на случувањата од таа кампања. Но, ете, нештата се менуваат, па најновата вест е дека една од тие (преостанати) згради споменици, и тоа таа на Генералштабот, ќе им биде предадена за „ревитализација“ на неколку американски фирми (поврзани со семејството Трамп).

Преостанатиот дел од колумната на проф. Билјана Ванковска, прочитајте ја на следниот линк.