АктуелноЛокално

Левица: Функционерите имаат имот од 1 денар за стан, 0 денари за земјиште – антикорупциска комисија не гледа ништо спорно

Сè поголем број функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ доставуваат паушално пополнети анкетни листови за имотната состојба, сериозно поткопувајќи ја транспарентноста и интегритетот на јавните функции. Од партијата Левица остро реагираат на оваа пракса, обвинувајќи за кршење на законските обврски и обвинувајќи ја Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за неактивност и прикривање на неправилностите.

Левица најостро ја осудува праксата на непрофесионално, паушално пополнување на анкетните листови за имотна состојба од страна на функционерите на ДПМНЕ. Ова однесување претставува флагрантно потценување на законските обврски и грубо поткопување на транспарентноста и интегритетот на јавните функции“, се наведува во реакцијата на партијата.

Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, сите избрани и именувани функционери се должни детално да ја пријават својата имотна состојба, вклучително и промените што настануваат за време на мандатот. Меѓутоа, според Левица, кај голем дел од функционерите на ДПМНЕ може да се забележат сериозни неправилности и нереални вредности на пријавениот имот.

Меѓу посочените примери е министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој пријавил пет недвижности, меѓу кои:

Стан во Карпош од 38 м² со вредност од само 2,39 денари.

Куќа во Габрово на име на брачниот другар од 315 м² вредна 28 денари.

Дворно место од 44 м² вредно 1,5 денари.

Стан во Карпош од 55 м², исто така на брачниот другар, пријавен со вредност од 3,5 денари.

И пратеничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, иако пријавила кредит и поседување акции од 2005 година во Стопанска банка, Макстил и ЗК Пелагонија, во анкетниот лист нема пријавено недвижен имот на свое име, туку на име на родителите.

Пријавила три возила на име на брачниот другар и градежно земјиште од 134 м² со вредност од 0 денари. Освен тоа, не се пријавени ниту лични банкарски сметки, што е спротивно на законските обврски.

Пратеничката Иванка Василевска пријавила стан од 99 м² во Центар, Скопје, со проценета вредност од само 1 денар.

Левица го поставува прашањето: Зошто ДКСК дозволува ова очигледно непочитување на законската обврска? Според нив, отсуството на сериозна проверка и соодветно постапување од страна на антикорупциската комисија директно ја поткопува довербата на јавноста во институциите и овозможува продолжување на праксата на прикривање на реалниот имот на носителите на јавни функции.

„Корупцијата не се спречува со затворање на очи пред вакви манипулации“, порачаа од Левица, најавувајќи дека во наредниот период ќе продолжат со јавно објавување на неправилностите во анкетните листови со цел да ја поттикнат ДКСК на конечно дејствување.

Од партијата бараат целосна ревизија на анкетните листови на сите функционери и процесуирање на оние кои доставиле неточни или лажни податоци, како неопходен чекор кон враќање на довербата во правниот поредок и борбата против корупцијата.

Z P

Zvezdanka Pesikj