Кина и САД постигнаа значителен напредок на трговските разговори во Женева
Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг изјави дека економско-трговските разговори на високо ниво меѓу Кина и САД, одржани викендов во Женева, биле „срдечни, длабински и конструктивни“, нагласувајќи дека двете страни постигнале значителен напредок и важен консензус.
На дводневниот состанок, Хе Лифенг се сретна со американскиот секретар за финансии Скот Бесент и трговскиот претставник Џејмисон Грир. Разговорите, според кинескиот функционер, резултирале со договор за воспоставување механизам за редовни економски и трговски консултации меѓу двете најголеми светски економии.
„Двете страни се согласија да спроведуваат понатамошни консултации за прашања од заеднички интерес“, изјави Хе на прес-конференција по завршувањето на средбата.
Тој најави дека релевантните детали ќе бидат финализирани во најкраток можен рок, а веќе во понеделник ќе биде објавена заедничка изјава во која ќе бидат наведени постигнатите цели и идните чекори во економско-трговските односи меѓу двете земји.