Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска одржа протест пред судовите во Скопје, упатувајќи јасна порака до институциите за почитување на работничките права и владеењето на правото. Под слоганот „Ако нѐ нема нас – кој ќе ве штити вас?“, синдикатот побара итно усогласување на основната полициска плата со законски утврдената минимална плата, како и правичност во судската пракса.
Протестот, кој започна пред Апелациониот суд, е реакција на, како што велат од синдикатот, селективно спроведување на законите и различен пристап на судовите во Скопје, Битола и Гостивар кон истите барања на полицајците.
Основната плата на полицијата не смее да биде пониска од минималната плата во државата. Бараме усогласување на судската пракса и враќање на довербата во правниот систем – изјавија претставници од НСП.
По завршувањето на говорите, учесниците на протестот продолжија со марш кон Судскиот совет, каде што ја повторија својата порака за правда и достоинство за полициските службеници.
