Левица Аеродром со поддршка за повредените во трагедијата во Кочани – солидарност што лекува рани
Во време кога довербата во институциите сѐ повеќе се губи, секој личен пример на хуманост и одговорност е светилник што покажува дека општеството сѐ уште има шанса да се промени. Советниците на Левица-Аеродром токму тоа го направија – со својот чин на солидарност упатија јасна порака дека човечноста не треба да има граници, а особено не кај оние што ја носат довербата на граѓаните.
„Кочани е црна дамка на нашата колективна меморија која засекогаш ќе нѐ потсетува на болката што како општество ја дозволивме.
Најмалку што можеме да направиме е да дадеме свој симболичен придонес за повредените, како мала, но искрена поддршка во нивната тешка борба за живот. Личноста на која дониравме ја избравме преку платформата Support Kochani, водејќи се по критериумот кој има најмалку собрани средства, а сѐ уште се наоѓа на болничко лекување.
Свесни сме дека една донација не може да ја избрише неправдата, ниту да ја залечи болката. Но нашата цел е, преку личен пример, да испратиме порака дека секој функционер, без оглед на позицијата, е должен да покаже емпатија, одговорност и вистинско претставување на народот кој го избрал. Нашата борба е за општество каде што хуманоста нема да биде исклучок, туку правило.
Од сѐ срце им посакуваме на сите настрадани брзо закрепнување и сила да ја надминат оваа трагедија. Болката за загубените млади животи е рана што никогаш нема целосно да заздрави, но веруваме дека секој чин на грижа и солидарност е мал зрак надеж за Кочани и за целата земја.“
Советниците на Левица-Аеродром со оваа донација испратија тивка, но силна порака: дека достоинството, сочувството и човечноста мора да бидат основата врз која ќе ја градиме подобрата Македонија. Тие покажаа дека вистинската политика не се мери со зборови, туку со дела – токму тогаш кога е најпотребно.