Апасиев: Струја за Арачиново ќе има, за образовните институции ќе нема

Изминатите денови една од најактуелните теми е снемувањето струја во Арачиново, по што беше утврдено колкава количина на електрична енергија е украдено во ова место и колкава штета е причинета.

Од ЕВН изјавија дека само во Општина Арачиново за една година се краде или не се плаќа струја во вредност од 6 милиони евра. Според неофицијалните податоци на вработен во ЕВН, во февруари годинава загубите на електрична енергија само во Арачиново изнесуваат околу 80%.

По снемувањето на струја, жителите на Арачиново излегоа на протести, а министрите пред се од редовите на ДУИ, значајно се заложија за надминување на овој проблем, без разлика што на досегашниот долг и штета причинети од крадење на електрична енергија, во Арачиново ќе се отстранат дефектите и ќе продолжи нормална испорака на струја, за која е ветено дека ќе се плаќа.

Целиот парадокс во оваа ситуација беше тоа што министерот за Економија застана во одбрана на жителите на Арачиново кои не плаќаат струја години наназад и за истата општина кажа дека е дискриминирана, додека паралелно држи прес-конференции каде најави казни за неразумно трошење на електрична енергија од страна на државните институции и додаде дека постои можност зимскиот распуст за учениците да биде продолжен, со цел да се заштеди струја.

Ваквите случувања поврзани со Арачиново и министерот Бектеши не останаа неискоментирани од страна на Лидерот на Левица, Апасиев, кој кратко напиша:

Не се секирајте. Владата ја држи ситуацијата под контрола. Струја за Арачиново ќе има. А за градинките, школите и факултетите – ќе нема.