Европа без маска – Уцената станува стратегија, македонскиот народ – колатерална штета
- Од „последен услов“ до безусловна покорност – како Европската Унија ја претвора македонската евроинтеграција во идентитетско обезличување
Македонија веќе не е на крстопат. Таа е заглавена во лажни ветувања, неисполнети преговори и политичко обезличување. Новата изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос, дадена за Европската новинска редакција, го потврди она што одамна го чувствуваат граѓаните: „Гаранции нема“. Оваа искрена, но крајно алармантна констатација е врв на еден процес кој полека, но сигурно ја редефинира Македонија не како субјект, туку како објект на туѓи агенди.
Марта Кос отворено признава дека уставните измени не се последното што ќе се бара од Македонија. Така, падна и последната маска од францускиот предлог – политичко чудовиште родено од сојузот на евро-бирократијата и бугарскиот национализам. Наместо интеграција, се наметнува трајна асимилација. Брисел, откако ги погази веќе дадените ветувања за членство по Преспа, сега веќе ни не се труди да симулира предвидливост. Променете го Уставот, па потоа ќе зборуваме, вели Кос. А потоа – уште нешто. И уште нешто. Пат без крај.
Не треба да се занемари и тоа што Европската Унија, иако претендира да биде пример за правна сигурност, дозволува билатерални прашања да станат блокади за цели народи. Ова е преседан што не го трпел ниту еден кандидат-член досега. Но Македонија, очигледно, важи за специјален случај – пример како да се скрши отпорот на малите со уцени, манипулации и „европски вредности“ кои се применуваат само кога се удобни за големите.
Поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, на прв поглед делува како глас на отпорот. Но ако се загледаме подлабоко, ќе видиме еден типичен пример на елитен мимикрирач – човек кој вешто се прилагодува на секоја нова политичка реалност, без да го загрози својот статус. Тој во јавноста говори за тоа дека не постои правна обврска да се следи францускиот предлог, бидејќи не поминал во Собрание. Но, во исто време, тој индиректно го валидира целиот процес на отстапки, повикувајќи се на реформскиот континуитет и де факто преговорите со ЕУ.
Во суштина, Ѓорчев ја продолжува старата стратегија на бирократски национализам: симулирање на принципиелност, а под површината – потпишување и прифаќање на сѐ. Тој не само што не се спротивставил на Договорот со Бугарија во своето време, туку и сега го прикажува како нешто што може да се надградува. А надградбата, досега, секогаш значела ново понижување на македонскиот народ.
Она што е најопасно во целиот процес е што Европската Унија не нуди никаква алтернатива на нејзиниот условен пат. Наместо јасни рокови, добиваме фрази. Наместо еднаквост, добиваме уцени. Наместо сигурност, добиваме неизвесност. Европа ја користи Македонија како инструмент во внатрешните битки – геополитички, економски, идентитетски. А тоа што е инструмент, никогаш нема да биде партнер.
Во ваков контекст, Македонија мора да престане да бара гаранции од оние кои самите не гарантираат ништо. Потребен е радикален пресврт: враќање на самопочитта, реосмислување на стратешките приоритети и јасна, непоколеблива дипломатска линија. Европа треба да биде цел, но не и алиби за губење на државноста.