40 години од смртта на ирскиот републиканец Боби Сендс

„Јас бев обично момче на работничката класа од националистичко гето,
но репресијата го создава револуционерниот дух за слобода.
Јас нема да се помирам сè додека не постигнам ослободување на мојата земја,
сè додека Ирска не стане суверена, независна социјалистичка република“.


Денес се одбележуваат 40 години од смртта на ирскиот борец за независност и социјалист Боби Сендс, кој почина на штрајк со глад.

Сендс беше уапсен поради тоа што се спротивстави на британскиот империјализам. Штрајкот со глад кој тој го организира со неговите другари затвореници беше во знак на протест против условите со кои се соочија во затвор, како тортурата и одземањето на статусот на политички затвореници.

Сендс се приклучува на Ирската Републиканска Армија* на 18 годишна возраст и набргу потоа е уапсен за поседување на четири пиштоли, пронајдени во куќата каде што престојувал. После мачењето од британските службеници беше осуден на 14 години затвор.

Додека беше во затвор, Боби Сендс беше избран како пратеник во британскиот парламент, но еден месец и 66 дена подоцна тој беше првиот од десетте штрајкувачи со глад кој умре. Јавноста тогаш ја осуди британската влада предводена од Маргарет Тачер. На денот на неговата смрт, Тачер го прогласи Сендс за „криминалец“ и „терорист“.

Борбата на ирските републиканци со глад доби масовна поддршка на целата територија на Ирска. На неговиот погреб во Белфаст присуствуваа над 100.000 луѓе. Интернационалното влијание на смртта на Боби Сендс беше исто така огромно. Во Њујорк работниците на пристаништата  ги бојкотираа британските бродови и беа организирани протести пред британските амбасади низ целиот свет. Во Иран, група млади луѓе го сменија името на улицата „Винстон Черчил” во Техеран во  „Боби Сендс“. Во 2001 година, во Хавана беше поставено спомен – обележје на Сендс и другите штрајкувачи на глад.

Боби Сендс останува икона на борбата против империјализмот до ден – денес.


* се мисли на онаа ИРА создадена во 70тите, името е земено од оригиналната ИРА која престана да постои по Ирската Граѓанска Војна на почетокот на 20тиот век