Владата бара помош од граѓаните – “Донирајте ни го вашето месо”

Откако Владата на Република Македонија набави месо и сувомеснати производи во висина од 61 илјади евра, под силен притисок од домашната јавност се одржа вонредна прес-конференција во зградата на Владата. 

Иако беше најавено прес-конференцијата да ја води генералниот-секретар, сепак поради неодложни работи поврзани со својот нов докторат, прес-конференцијата ја водеше заменикот на заменикот заменик-помлад соработник за односи со јавноста, твитерџијата Пецо.

Тој најпрво се заблагодари на присутните новинари за нивното присуство и нивната непристрасност и субјективност во информирањето. При тоа тој ја соопшти последната измена на изменетата Уредба за борба против коронавирусот и лажните вести согласно која ќе бидат исплатени дополнителни 14.500 денари на оние новинари кои се борат против лажните вести кои не доаѓаат од Калето.

“Набавката на месо навистина беше неопходна и итна. Исцрпувачката борба против коронавирусот воопшто не е лесна и навистина е невозможно да се води само со ѓеврек и јогурт” изјави Пецо.

На новинарско прашање од ТВ Саки тој сепак призна дека вината за оваа набавка лежи кај самите граѓани и нивната тежина. “Кривицата ја имаат и граѓаните кои си дозволуваат да имаат само по еден оброк дневно поради што нивната тежина е значително намалена. Нивното месо не беше доволно овие 30 години, па мораме со итни набавки да ги трошиме парите на свежо месо.” одговори на прашањето. Тој додаде дека голема вина има ДПМНЕ обвинувајќи ги дека они имаат изедено најмногу од месото на граѓаните оставајќи им ги нив само коските.

Со цел да се надмине сувомесната криза предизвикана од коронавирусот, Пеце ја претстави и новата Андроид апликација “Мое месо, моја крв”. “Со оваа апликација граѓаните на нашата земја имаат несекојдневна можност да придонесат кон надминување на кризата. Имено, сега сите оние граѓани кои имаат останато по некое кило месо истото може да го донираат, а дополнително со цел да се изгасне жедта на Владата може да ја донираат и својата крв” изјави Пеце наведувајќи и дека оваа апликација не работи на скапите телефони на бизнисмените.