Ево Моралес – Коренот на проблемот е во капиталистичкиот систем

Претседателот на Боливија, Ево Моралес рече дека многуте проблеми кои ја загрозуваат планетата имаат корени во капиталистичкиот систем, кој фаворизира нееднаква дистрибуција на богатството и бесмислена акумулација на добра и пари кај мал број на луѓе. Моралес исто така предупреди дека „Боливија нема да се откаже од своето право на суверен пристап до Тихиот океан“.

“Треба да кажеме многу јасно: коренот на проблемот лежи во капитализмот” изјави Боливискиот претседател во неговиот говор пред 74то Генерално Собрание на Обединетите нации кое започна во вторникот во Њујорк. Тој објасни дека “сржта на проблемот е моделот на производство и консумеризмот, во сопственоста на природните богатства и нееднаквата распределба на богатството”. Тој го опиша како “нефер, неморално и недозволиво” тоа што 26 луѓе во светот го имаат истото богатство како 3,8 милијарди луѓе.

„Браќа и сестри, трката со оружје, трошењето за воена опрема, технологија која се користи за да донесе повеќе смрт, бескрупулозната трговија со оружје – сето ова е во пораст. Финансискиот систем продолжува да биде анти-демократски, нееднаков и нестабилен. Системот продолжува да ги привилигира даночните раеви и банкарската тајност, присилувајќи ги послабите земји да прифатат услови кои единствено ја перпетуираат нивната зависност.

Ние со жалење констатираме дека огромни социјални разлики сѐ уште постојат. Моментално 1,3 милијарди луѓе живеат во сиромаштија додека еден процент од најбогатите на планетата поседуваат 82% од светското богатство. Неизбежно е да се говори за структурните причини за различните кризи, за транснационалните корпорации кои ја контролираат храната, тие ја контролираат водата, тие ги контролираат обновливите извори на енергија, оружјето и технологијата. Овие корпорации ги контролираат нашите лични податоци и се обидуваат сѐ да претворат во бизнис со единствена цел – да акумулираат уште повеќе капитал.

Светот е контролиран од глобална олигархија каде една шака мултимилионери ја дефинираат политичката судбина на човештвото и неговата економска судбина.” – кажа претседателот Моралес во својот говор.