Заливот на свињите – Историја на поразот на империјализмот и триумфот на кубанскиот отпор

На денешен ден, пред 64 години, започна инвазијата во Заливот на свињите – неуспешниот обид на САД да ја соборат револуционерната влада на Фидел Кастро и да ја врати Куба под своја хегемонија. Овој историски настан, што се одигра од 17 до 20 април 1961 година, останува запаметен како едно од најголемите понижувања за американската надворешна политика и симбол на отпорот на малите нации против големите сили.

Инвазијата ја организираше и финансираше Централната разузнавачка агенција (ЦИА), која обучи околу 1.400 кубански емигранти, познати како „Бригада 2506“. Планот беше едноставен – тајно да се симнат на плажата Плаја Хирон, да иницираат востание и за неколку дена да го соборат Кастро. Но, реалноста ги демантираше амбициите на Вашингтон. Кубанската армија и народната милиција, водени од Кастро, жестоко се спротивставија. За три дена, целата бригада беше поразена. Над 100 инвадери беа убиени, а повеќе од 1.100 заробени.

Американската администрација, предводена од Џон Ф. Кенеди, се обиде да го негира учеството на САД, но доказите беа непобитни. Стануваше збор за класичен обид за смена на влада – таканаречен „режим-чејнџ“, стратегија што Америка ја повторила десетици пати низ децениите, од Иран до Чиле, од Грција до Украина.

По победата, Фидел Кастро одржа еден од најмоќните говори во својата политичка кариера, во кој директно го нападна империјалистичкиот наратив на САД:

„Апсурдно е Кенеди да си замислува дека има право да ни кажува каква влада треба да имаме тука. Тоа е фашистички јазик, ист како јазикот на Хитлер и Мусолини!“

Со овие зборови, Кастро не само што го потврди својот револуционерен курс, туку и ја зацврсти независноста на Куба како национален идеал. Инвазијата само ја радикализираше Кубанската револуција – за неколку месеци Куба официјално стана социјалистичка држава и влезе во отворен сојуз со Советскиот Сојуз, што директно водеше кон Карипската ракетна криза една година подоцна.

Историјата на Заливот на свињите ни покажува дека силата не секогаш победува, особено кога една нација е подготвена да се бори за својата слобода и достоинство. Куба, иако осиромашена и под економска блокада, покажа дека отпорот може да има резултат. Денес, многумина гледаат на овој настан како на еден од последните големи симболи на антиимперијалистичка борба во Латинска Америка.