(Видео) Крмов: Левица ќе ги поддржи интерпелациите за членовите на Судски совет – Но тоа не е суштинска реформа во судството
Прес-конференција на координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов:
Ако го погледнеме квалитетот на персоналните решенија, пратеничката група на Левица ќе ги поддржи интерпелациите за петте члена на Судскиот совет. Мора да се прати порака до судството. И одговорност мора да има сега и веднаш. Не можеме да имаме една каста на граѓани како што се судиите во оваа држава кои буквално не одговараат скоро за ништо. Не треба да ја запоставиме персоналната одговорност на членовите на Судскиот совет. Тие се најодговорни за катастрофалната ситуација во која се наоѓа македонското судство. Имаме доверба само од 2%. Тие се најодговорни. Тие ги поставуваат судиите. Тие ги разрешуваат. Тие иницираат дисциплински постапки и мора да понесат одговорност.
Пратеникот на Левица нагласи дека интерпелациите би требало да бидат вовед во таканаречената реформа на власта, но за жал, како што посочи, немаме реформа во правосудството:
Што би било реформа во правосудството? Тоа би било да воведеме ветинг, да воведеме потекло на имот на судиите, антинепотистички закон да не можат на иста фамилија бидат обвинител, судија, адвокат и слично, ограничување на мандатот на судиите, кривична одговорност и судиите за кои има сомнение дека се корумпирани да се пратат на предвремена пензија. Тоа би била вистинска судска реформа. Такви предлози даваше Левица и во претходниот мандат и во овој, но владејачкото мнозинство ги одбива.