Васил Јованов призна вина за сообраќајката во која загина Фросина Кулакова на „Партизанска“
Васил Јованов, 21-годишниот возач кој ја усмрти младата Фросина Кулакова на булеварот „Партизански Одреди“ во близина на Универзалната сала, денеска призна вина пред Судот.
„Почитуван суде. Сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејството и да им се извинам. Тоа што го сторив, не можев ни да замислам дека ќе се случи“, рече тој.
Обвинителот Марковски и родителите на Фросина, побараа највисока затворска казна. Јованов е обвинет за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, и за тие дела е предвидена максимална казна од 20 години затвор.
Обвинителот Александар Марковски рече дека сообраќајката е низа на последици и сообраќајни пропусти на возачот, и затоа ќе се гони за најтешка квалификација на делото.
„Обвинетиот за нецела минута сторил и други пропусти во сообраќајот, од типот на цик-цак возење, поминување на две полни ленти, тоа се докази за умислата за кривичното дело кое се товари“, изјави обвинителот Марковски.