Државната ревизија утврди низа неправилности на Онкологија
Државната ревизија утврди неправилности во спроведувањето на пописот на залихите на лекови и матерјали на Онкологоја како и управувањето со истите. Недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување. Исто така, не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации, што влијае на целосноста на податоците во Билансот на состојба. Во текот на 2023 година Клиниката примила лекови во вредност од 33 милиони денари по основ на донации, но овие податоци не биле внесени во финансиската евиденција.
Во продолжение Извештај на Државен завод за статистика:
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија за 2023 година.
Утврдени се состојби кои предизвикуваа до воздржување од давање на мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Клиниката за сметката на основен буџет (637) за 2023 година и давање на мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, додека за финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за сметката за средства од сопствени приходи (531) изразено е мислење без резерва.
Со извршената ревизија утврдени се неправилности во спроведувањето на пописот на залихите и управувањето со истите. Имено, недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување. Исто така, не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации, што влијае на целосноста на податоците во Билансот на состојба.
Во текот на 2023 година Клиниката примила лекови во вредност од 33 милиони денари по основ на донации, но овие податоци не биле внесени во финансиската евиденција.
Во ревизорскиот извештај истакнато е дека состојби во врска со прием, складирање и издавање на залихи на лекови се утврдени и во Конечниот ревизорски извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година, за што пред надлежен орган во тек е постапка.
Во делот на Нагласување на прашања, истакнати се состојби кои се однесуваат на системот на давање на здравствени услуги во областа на радиотерапијата и онкологијата и тоа:
Договорен и условен надоместок за вршење на дејноста Клиниката од Фондот добива договорен надоместок како и условен надоместок кој се доделува за набавка на т.н. биолошка терапија.
И покрај преземените активности од страна на одговорните лица по дадените препораки во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор од извршена ревизија за 2021 година и понатаму постојат определени состојби кои се значајни да се истакнат и кои влијаат на работењето на Клиниката.
Во текот на 2023 година изготвени се и се применуваат повеќе протоколи/упатства за дијагностика, третман и следење на онколошки пациенти во кои како терапија е вклучена и биолошката, но се уште не се одобрени од страна на Министерството за здравство.
И покрај зголемувањето, одобрениот условен надоместок не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата, односно одобрените средства се доволни за приклучување на само 24% од пациентите кои примаат терапија во дневна болница.
Воспоставениот начин на контрола од Фондот и плаќање на една дванаесетина од износот на условниот надоместок и понатаму остава простор фактурите кои се доспеани да не се платат навремено. Состојбата на вкупните обврски на Клиниката на 31.12.2023 година изнесува приближно 952 милиони денари од кои доспеани се 402 милиони денари, а нивната доспеаност е сведена од 2 години на 6 месеци.
Опрема за радиотерапија на клиниката е единствениот функционален центар на територија на државата кој дава услуги на пациенти од областа на радиотерапијата. За таа цел до денот на вршење на ревизијата во соодветни простории инсталирани се и функционални три линеарни акцелератори со кои според информациите од Клиниката се даваат услуги во просек од 180 до 200 пациенти дневно.
Клиниката располага со уште два линеарни акцелератори кои не се ставени во употреба. За акцелераторот набавен во 2014 година, чија вкуона вредност е 2.900 илјади денари, во тек се активности кои се предуслов за ставање во употреба, при што се очекува истиот да биде функционален до крајот на 2024 година. Другиот акцелератор, добиен по пат на донација во 2016 година, чија вкупна вредност е 1.715 илјади денари, се чува неотпакуван во царинско складиште за што годишно се плаќаат 189 илјади денари. Според информации добиени од одговорните лица на Клиниката, акцелераторот претходно бил користен во здравствена установа во Австралија и долго време не е во функција. Во 2024 година, производителот соопштил дека поради застареност на компонентите и технологијата, може да понуди само ограничена поддршка за негово одржување, без гаранции за компатибилност со новите онколошки софтвери.
Ревизорите препорачуваат дека е потребно Клиниката во координација со Министерството да ја преиспитаат состојбата и изнајдат оптимално решение за начин на постапување со овој апарат во наредниот период како и да се разгледаат можностите за понатамошно одложување на апаратот на начин кој нема да предизвикува дополнителни трошоци на Клиниката.
Единица за централна подготовка на цитостатска терапија – KATO систем
Во рамките на Клиниката постои Единица за централна подготовка на цитостатска терапија, опремена со КАТО софтверска лиценца, но системот не е во функција од времето на неговата набавка во 2013 година, чија набавна вредност изнесува околу 10 милиони денари.
Во 2023 година, одговорните лица ги разгледале можностите за активирање на системот и го информирале Министерството за здравство за неколку клучни проблеми. Според нив, системот е делумно опремен, недостасуваат клучни компоненти, а просторот не е адаптиран за стерилно работење. Дополнително, подготовката на терапијата со овој систем трае подолго време, што ќе го зголеми времето на чекање за апликација на терапија, Клиниката нема доволен број фармацевти за работа со системот, а потребни се и дополнителни средства од околу 8 милиони денари годишно за потрошен материјал. Во текот на 2024 година Министерството спровело постапка за јавна набавка со која било предвидено да се набават сите неопходни делови за да се стави системот во употреба, но истата е поништена бидејќи не била поднесена ниту една прифатлива понуда.
Во оваа насока ревизорите препорачуваат Клиниката во координација со Министерството и Фондот да направат комплетна анализа на капацитетите и можностите, медицинските и економските ефекти, со цел изнаоѓање најоптимално решение за иднината на системот и подобрување на услугите за пациентите.
Клучно ревизорско прашање
Покрај наведените состојби од страна на ревизорите е идентификувано и клучно ревизорско прашање кое влијае на вршењето на дејноста на Клиниката а кое се однесува на централизираното давање на здравствени услуги во областа на радиотерапијата и онкологијата. Имено, бројот на пациенти кои се лекуваат на клиниката е во континуиран пораст што е прикажано на графиконот.
Ревизорите укажуваат дека е потребно Министерството да преземе активности за ангажирање на капацитетите во оние јавни здравстени установи кои имаат услови за тоа, со што би се овозможило прифиќање на дел од зголемениот број на онколошки пациенти, особено на оние надвор од Скопје, а со тоа и дисперзирање на здравствените услуги во оваа област, намалување на големиот наплив од пациенти со кој се соочува Клиниката и подобрување на квалитетот на здравствените услуги.
Извор: Телма