Актуелно

Мојсоска до ДПМНЕ: Ревносно го бришете името Македонија онаму каде што СДС не успеа

Во Законот за шуми, Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ предлага зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република СЕВЕРНА Македонија“, a зборовите: „Македонски шуми“ се заменуваат со зборовите „Национални шуми!“ – Пратеничката од #Левица – Јована МОЈСОСКА побара оваа точка да се тргне од дневен ред:

Македонските шуми со Преспанскиот капитулански чин не смеат да бидат Македонски. Според капитулацијата, тие повеќе не се македонски! Преименувањето на Македонски шуми е само уште едно од низата на национално обезличување, на бришење на идентитетот, на посебноста на македонската нација. На предавството на придавката македонско, македонска, македонски. на се она што е изнедрено од Македонија.

Почитувани колеги од ДПМНЕ, ова не се мои зборови, Ова се зборови на вашиот портпарол – Наум Стоилковски од 2019 година. Токму она што за вас беше капитулација и предавство, вие сега го цементирате со овој закон! Јас не можам да разберам, зошто така ревносно од секаде го бришете името Република Македонија, кога тоа дури и СДСМ не успеа да го направи.

Немате дури никаква реакција и од Грција. Јас не знам која ви е целта. Дали сакате да покажете пред странскиот фактор дека сте поголеми вазали од Социјал-демократите? – Впрочем, и салата во која ние сега заседаваме се вика Македонија. Што да очекуваме, дека и нејзе ќе ја преименувате во процесот на демакедонизација?“