АктуелноНастани

Прва Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница: „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“

Помеѓу 24 и 26 август во Куќата на Уранија во Охрид во организација на Македонската академија на науки и уметности во соработка со Пекиншкиот јазичен универзитет се одржа првата Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница, годинава тематски насловена како – „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“.

На настанот учествуваа повеќе реномирани поети, синолози и книжевни преведувачи од Македонија и Народна Република Кина. Од македонските поети и книжевни научници што зедоа удел во оваа работилница, ќе ги издвоиме: Катица Ќулавкова, Иван Џепароски, Зоран Анчевски,
Владимир Мартиновски, Наташа Сарџоска, Андреј Ал-Асади, додека современата кинеска поетска сцена беше претставена од Чжао Си’, Ли Суо, Аку Вуву, Лју Јуе, Минг Ди и ‘Ши Чуан, кој воедно со своето творештво се претстави и на манифестацијата Мостови на годнешеново издание на Струшките вечери на поезијата.

Во работата на овој настан учествуваа и синолозите и препејувачи Игор Радев, Сара Цветановска и Елена Дамјаноска, но и наши истакнати препејувачи од други јазици, како што е Милан Дамјаноски.

Работилницата се состоеше од сесии на заемно преведување и анализирање на поезија, како и отворени дебати на теми сврзани со проблемите и предизвиците на поетското творештво и превод во интеркултурен контекст, какви што беа: „Поезијата како ,производ за превод‘: Автентичноста на поезијата на ,Другиот‘ во епохата на глобалната доминација на англискиот јазик“; „Може ли да се препознае ,голема‘ поезија ако е творена на ,мал‘
јазик: Перцептибилноста на поезијата на малите говорни подрачја“; „Културната различност при поетскиот превод: Помеѓу Сцилата на егзотицизирањето и Харибдата на нивелирањето“.

Предвидено е резултатите на годинешнава Работилница да бидат објавени како посебно тројазично издание (македонско, кинеско и англиско), во кое ќе бидат поместени песните во заемен превод на македонските и кинеските поети, придружени со анализи и соодветен критички апарат.