АктуелноЛокално

Левица: Повисоките плати за вработените во образованието останаа лажно предизборно ветување

  • Реакција на Политичката партија Левица

Министерката за образование, Весна Јаневска, со изјава дадена во радио емисија демантираше уште едно од ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги изнесуваше во текот на предизборната кампања.

Имено, таа изјави дека министерството што го предводи е во долг од 5 милијарди денари (над 80 милиони евра) и поради тоа платите на вработените во образование НЕМА да бидат зголемени, иако само пред 2-3 месеца, нејзината политичка партија ветуваше дека ќе има зголемување на платите за вработените во овој сектор.

Вработените во основно и средно образование над една деценија се жртва на манипулации и изигрувања на законите од власта. КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР НЕ СЕ ПОЧИТУВА, нов не е потпишан со години, а платите се пресметуваат според спогодба што би паднала пред било кој суд во светот, освен пред корумпираното судство во Македонија.

Коефициентите за плата коишто се врзани за минималната плата, се пресметуваат според минимална плата што е далеку пониска од со закон утврдената, т.е нето минималната плата во државата се зема како бруто плата за образование. Во пракса ова доведува до опасна урамниловка на платите во основното и средното образование- редица коефициенти се поништени и сведени на 1 (минимална плата), при што истите се опасно блиску со платата на носителите на дејност, т.е наставниците чија плата во моментот е околу 34.000 денара.

Ваквата пракса на изигрување на законите и инсистирање на ниско платени наставници дополнително го урнисува руинираниот образовен систем држејќи ги квалитетните кадри далеку од наставничката професија. Очигледно е дека на власта квалитетното образование не ѝ е приоритет, ним им е поважно во училиштата да згрижат што поголем број партиски (не)кадар(ниц)и.

Од Левица најостро ги осудуваме ваквите политики на власта: наместо да излезе со анализа како се создала дупка од над 80 милиони евра во МОН и со пријави за одговорните товарот за несовесното менаџирање на јавните пари ќе падне врз грбот на работниците вработени во основните и средните училишта, а крајната цена ќе ја плати целото општество, кое со секој потег на власта е сè подалеку од квалитетни образувани кадри, кои ќе умеат да ги придвижат работите напред.