Самостојна изложба на Пандора Апостолоска- Саздовска и Сашо Саздовски во галеријата Грал
Од 16.07. 2024 до 26. 07. 2024 година визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски ќе имаат самостојна изложба во галеријата Грал во Скопје со почеток во 21. 00 часот.
Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска ќе се престави со проектот „ALTUM SILENTIUM“. „ALTUM SILENTIUM“ има за цел да ги презентира актуелните и визуелни истражувања на авторката во сликарството паралелно со цртежот. Во нејзините дела таа ги истражува правата на имигрантите и го дефинира видот на уметност што се создава за да постои во одреден политички момент, со што врши потенцијално политичко и општествено влијание врз самото уметничко дело. Таа има развиено уникатно тело на уметност што се занимава со реалноста и сегашноста, а не со традиционалните начини на претставување. Овој пристап им овозможува на гледачите да искусат жива меморија на општествениот активизам каде уметникот ги замаглува границите помеѓу уметноста и животот. Целиот проект содржи длабок пост-концептуален пристап, со цел да се „разјасни“ дека уметноста понекогаш не мора да има значење сама по себе, туку да дејствува како столб на тековниот експеримент и како дијалог во една поголема уметничка парадигма. Како концептуален уметник, Пандора Апостолоска Саздовска го сведува материјалното присуство на делото на апсолутен минимум. Инспирирана од секојдневната рутина, таа ги користи текстот и бројките за да изрази своевидна фрагментација на реалноста како критика на општеството во кое живееме.
Скулпторот Сашо Саздовски ќе го престави проектот со наслов ”СИНЕРГИЈА”. Проектот “СИНЕРГИЈА”има за цел да ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата. Тој е дел од истражувачката серија на скулптри во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали како мермерот и гранитот со вештачки добиените материјали создадени од човекот. Во овој проект авторот инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло – темно, природно – вештачко, движење – спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност. Делата на скулпторот Сашо Саздовски имаат за цел да го презентираат научно-истражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваа експериментите на уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата.