Пролетно чистење

  • Став на Славко Митевски – Советник од редовите на Левица во Општина Карпош

(Посветено на двајца бивши другари) – Природата е совршена. Таа си ги има своите циклуси кога се буди, расте, созрева на крајот почнува нов циклус, повторно се буди се прочистува и повторно се спрема за нова борба и нов живот. Човекот како дел од природата ги презема навиките на природата, се усогласува и домаќините си организираат пролетно чистење. Општеството составено од истите луѓе ги презема истите мерки и периодично се прочистува од бескорисните и од оние кои не водат во нов напреден циклус.

Во политиката и кај политичките партии тоа е редовен случај, доаѓаат млади луѓе спремни и орни со нови идеи а си заминуваат истрошените кадри, кадри кои ја промениле идеологијата и оние кои не го издржале притисокот. Има кадри во политиката кои чесно си заминуваат, кои не си го валкаат образот, но има и такви кои се ставаат на берзата на политичкиот живот и чекаат понуди, понекогаш од други политички партии но најчесто (бидејки ја изневериле идеологијата за која се залагале а таквите никој не ги прима) се нудат на политичките профитери, кои ги прифаќаат за еднократна употреба и потоа ги фрлаат на буништето на социјалниот живот да бидат покажувани со прст и плукани од народот.

Образот на тие, ништо не им значи и без срам уште се промовираат себе си дека без нив животот ќе застане бидејки сите други се неписмени и неспособни а тие се тие кои се заслужни за се но им фалат малку финансии па ќе промовираат нова вера и нова Библија во која за еден долар заборавиле и за еден долар изневериле.

Се чудам сам себе си како мојата наивност ме тера да верувам во луѓето до последен момент. Разбирам дека луѓето кога се повредени ирационачно реагираат но не разбирам како не можат да се издигнат над тоа, да си го задржат достоинството и идеата за која се бореле и да си продолжат по својот пат. Животот е долг, често неколку пати ги поминуваме истите крстосници, ако одиме со спуштена глава никој нема да не препознае а еден ден децата ќе поставуваат прашања… ќе треба на тоа да се одговори.