Изложба на постери од локалитетот Големо Градиште кај с. Коњух во Кратово 

По повод 25 годишнината од почетокот на археолошките истражувања на локалитетот Големо Градиште кај с. Коњух, Кратовско, НУ Археолошки Музеј на Македонија ќе отвори изложба на постери преку кои ќе се претстави локалитетот и сознанијата за истиот добиени преку овој долгогодишен истражувачки проект.

Изложбата ќе биде отворена на 24 Јуни 2024 година, во 13 часот, во ОУ Кочо Рацин, во с. Коњух, Кратово.

Покровител на изложбата е здружението Балканска Музејска Мрежа, од Сараево, БИХ

„Големо Градиште“ се наоѓа покрај јужниот брег на реката Крива, во атарот на кратовското село Коњух. На зарамнетото плато на врвот на ридот и во неговото подножје се остатоци од голем утврден град датиран во времето на доцната антика (5-7 век). Првите сознанија за постоењето на овој локалитет се добиени во првата половина на 20 век, по случајното откривање на црквата „Ротонда“, од жителите на с. Коњух, во 1919 година, како и од бројните столбови и обработен камен, ископани од локалитетот и вградени во некои куќите на мештаните кои и денес може да се видат.

Градот се простирал на простор од околу 17 хектари, имал акропола и две станбени тераси од северната и јужната падина на ридот, кои биле заштитени со силни одбранбени бедеми. Според историските и археолошките податоци, утврдувањето било подигнато/зајакнато во времето на императорот Јустинијан, кон средината на 6 век; градот бил богат економски, административен и религиозен центар во овој дел на Балканот и римската провинција Дарданија, втор по големина по Скупи (Скопје). Монументалниот црковен комплекс откриен на северната тераса, и резиденцијата во неговата непосредна близина сведочат за економската моќ на градот во средината на 6 век. Ваквата благосостојба се должи на неговата стратешка географска локација, на самата тромеѓа на провинциите Дарданија, Македонија Секунда и Дакија Медитеранeја, покрај главниот трговски пат што водел од Скупи кон Пауталија (Ќустендил) и Сердика (Софија), како и на близината на рудните наоѓалишта во Кратовско, богати со злато, сребро, бакар, и железни руди кои биле интензивно експлоатирани во римскиот период. За идентитетот на овој град постојат две теории кои го идентификуваат како Транупара, односно Запара.

Локалитетот и неговата околина биле населувани од праисторијата до средниот век. На северната станбена тераса, под остатоците од доцно римските градби се откриени артефакти од неолитот, железното време и класичниот период. За раноримската фаза на населбата на северната тераса засега нема доволно податоци, поради што се смета дека градот бил подигнат во доцниот 5 век или почетокот на 6 век. По годините на просперитет градот страдал во воените опсади на Словените, а до почетокот на 7 век, жителите го напуштаат овој простор, селејќи се во безбедноста на акрополата.