Промоција на книгата „Последните православни семејства во подрачјето на Дебарско Поле во Р. Албанија“ од авторот Спиро Дуковски
Утревечер во Салон Империјал 2, во Културно Информативниот Центар во Скопје, со почеток во 19:00 часот, во организација на Матица на иселениците од Македонија, ќе биде промовирана книгата „Последните православни семејства во подрачјето на Дебарско Поле во Р. Албанија“ од авторот Спиро Дуковски.
Книгата ќе ја промовираат: проф.д-р Катерина Тодороска и проф.д-р Андријана Јаневска.
Книгата „Последните православни семејства на подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија“ е авторско дело на Спиро Дуковски (Ербелски), Македонец по потекло од с. Ербеле кое се наоѓа во Р. Албанија. Авторот на овој труд се зафатил на многу благодорната задача да ги зачува од заборав членовите на бројни македонски семејства во селата во Дебарско Поле и тоа: Ербеле (или Орбеле), Горно Крчишта, Обоки (Мало село), Маќеларе, Доволане и Граждане. При тоа, тој најмногу внимание посветува на македонските семејства во селата Горно Крчишта и Ербеле со оглед на фактот што во нив македонски семејства имало до 90-тите години на 20 век.
Покрај историските и географските објаснувања, авторот во книгата поместува генеолошки стебла на бројни православни фамилии од Албанија. Сето тоа е поткрепено со фотографии, што му помагаат на читателот и визуелно да го доживее времето во кое живееле и твореле.