Османи успеа ТВ презентерката Ејупи да ја смести во Конзуларно претставништво

Иако пред две години не успеа да стане конзул во Њујорк, поради притисокот од јавноста, поранешната ТВ презентерка Бесмира Ејупи сепак доби шанса да замине во странство, овој пат на испомош во дипломатско конзуларното претставништво во Бон, Германија, потврдија од МНР.

Министерот Бујар Османи пред напуштање на владиниот кабинет, освен за Бесмира Ејупи, потпишал решенија за испраќање и на други вработени во министерството на неколкумесечна испомош во ДКП-ата каде во летните месеци имало зголемен обем на конзуларни услуги.

„ Во текот на летните месеци во конзуларните претставништва каде има зголемен обем на работа поради тоа што нашата дијаспора патува дома се праќаат вработени од МНР на неколку месеци испомош за да се олесни издавањето на документи на шалтерите на конзуларните претставништва. “ – велат од МНР.

Желбата на Бесмира Ејупи да стане конзул, пред помалку од две години, и пропадна поради силниот притисок од јавноста, која реагираше дека таа нема соодветни квалификации. Во тој период таа имаше заработено 12 илјади евра хонорари од ангажмани во неколку институции.

Освен решенија за испраќање на лица за испомош во ДКП-ата, пред напуштање на владиниот кабинет, министерот Османи пред две недели распишал и интерени конкурси за испраќање на околу 15-тина нови дипломати во дипломатско – конзуларните претставништва на Македонија ширум светот.

Од МНР за ова велат дека станува збор за редовни административни циклуси, а дали ќе завршеле конкурсите зависело од новиот шеф на дипломатијата.