(Видео) Апасиев: Газа не е гробница само на иљадници дечиња – Газа е гробница на човечноста

  • Говорот на Претседателот на Левица – проф. Димитар Апасиев, по однос на Предлог-Декларацијата за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација:

Почитувани колеги пратеници, почитувана македонска јавност, Пратениците на Левица во текот на вчерашниот ден до вас како пратеници доставија Декларација за „Солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација“.

Сметаме дека ние не треба да бидеме ноеви, да си ја пикаме главата во песок и да не проговориме во ова собрание за најжешката точка на планетата во овој момент, која што има потенцијал да разгори и Трета светска војна и каде што пред наши очи ни се случува геноцид на Палестниците во Газа!

Декларацијата содржи девет точки, со кои што се предлага солидарност со палестинскиот народ и осуда за израелската окупација. Истата се темели на извештаи од „Амнести интернешанал„ и „Хјуман рајтс воч“.

Во втората точка Декларацијата ги осудува политиките на апартхејд кои се имплементирани врз палестинскиот народ, особено вештачкото создавање израелски населби, масовните запленувања на земјишта и имоти и насилни депортации. Се осудуваат и насилните трансфери, ограничувањето на слободата на движење, осакатувањето и свесното нанесување сериозни телесни повреди како и неказнетите убиства на недолжни цивили.

Имено, како што кажува Портпаролот на УНИЦЕФ „Газа изминатите денови стана гробница на иљадници дечиња и таа е жив пекол на земјата“. Потенцијалот, односно бомбите кои се фрлени во газа за само две недели за еден и пол пат ја надмина ударната моќ на нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима.

Газа е голема колку Скопје, 40 км на 6 км, а секојдневно е гранатирана од иљадници гранати на население од 2,2 милиони жители.

Во овој парламент леевме крокодилски солзи за Украина. Чисто за споредба, во Украина загинаа не повеќе од 200 деца за две години, во Газа загинаа 5000 дечиња за две недели! Оттука да го дополнам портпаролот на Уницеф – Газа не е гробница само на иљадници дечиња, Газа е гробница и на човечноста. Го гледаме европското и американско лицемерие, кога едните животи се повредни од другите.

Во оваа декларација предвидуваме и обврска за Владата да започне процес на меѓународно признавање и воспоставување на дипломатски односи на ниво на амбасади со независната држава Палестина, во духот на Југословенската традиција која што ја имаме. А бараме од претседателот на Републиката итно да го отповика амбасадорот на Македонија во Обединети Нации, затоа што гласаше воздржано за Резолуцијата за „Заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарните обврски”.