АктуелноЛокално

16-ти мото рок фестивал викендов во Куманово

Мотоклубот „Мечки“ Куманово по 16-ти пат го организира „Рок фестивалот“ на спортскиот аеродром Аџитепе во Куманово, претстојниот викенд, соопштија денеска организаторите од клубот. Дводневниот фестивал ќе се одржи на 7 и 8 јуни годинава (петок и сабота). Влезот за посетителите е слободен.

– Мотоклубот го организира „Беарс фестивалот“ на познатата локација Аџитепе. Почнуваме во петокот, после 19 часот со музичка програма продолжуваме во сабота од утринските часови со програма наменета не само за моторџиите, напротив за сите посетители од најмали до најстари. Дневната програма годинава е збогатена со интересни содржини, нека остане мало изненадување. Ќе има и хуманитарна активност со здружението „Ајде да шириме љубов“, изјави Игор Тимчевски од мотоклубот.

Во петок ќе настапи прилепскиот бенд „Крос роад блуз бенд“, („Crossroad Blues Band“) како и „Прљави инспектор Блажа и Кљунови“ и кумановскиот бенд „Д Солушн бенд“, (Solution).

– Сабота и годинава ќе ја отвори возобновениот кумановски бенд „Лектира“, белграѓаните „Ноќни путници“, следува блуз бендот „Сакис доволис трио“ (Sakis Dovolis Trio) од Грција и за крај легендарните „Електрични оргазам“, со нивните повеќе од познати хитови, вели Тимчевски.

Годинава на моторџиското дружење во соработка со клубод Скопје ќе се организира „Спора трка“ каде победуваат вештите возачи. Од претходните искуства секоја година на рок фестивалот има повеќе посетители. Лани, имало близу 10.000 од државата и од соседството, и не само моторџии, туку и посетители од Европа.