Фицо по атентатот: Во ЕУ престана да постои правото на поинакво мислење
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, денеска се огласи за прв пат откако беше тешко ранет во обидот за атентат пред три недели, изјавувајќи дека не го мрази напаѓачот, дека му простува и дека не планира кривично да го гони него.
Фицо оцени дека атентаторот е „гласник на злото и политичката омраза“ и предупреди дека „во ЕУ се чини престана да постои правото на поинакво мислење“.
Во пресрет на изборите за Европскиот парламент, што се одржуваат неделава, Фицо и се обрати на јавноста со снимен говор објавен на Интернет.
Словачкиот премиер кажа дека има сериозни здравствени последици од нападот и дека нема да се врати на работа во следните неколку недели.
На 15 мај, во градот Хандлова, североисточно од Братислава, Фицо беше ранет во стомакот со четири куршуми додека ги поздравуваше поддржувачите. Напаѓачот веднаш бил уапсен.
Тој оцени дека бил нападнат поради неговиот проруски однос кон војната на Русија против Украина и другите кои драстично се разликуваат од гледна точка на „европскиот мејнстрим“.
Фицо минатата недела беше отпуштен од болницата во Банска Бистрица и сега се опоравува дома во Братислава.
Пред атентатот, неговата влада предизвика огромни протести со напорите за промена на регулативите за јавно информирање и беше критикувана за обидот да преземе целосна контрола врз јавната телевизија и радио.
Тоа, заедно со неговите планови за измена на кривичниот законик за да се елиминира постоењето на специјален обвинител за политичка корупција, ги наведе неговите противници да заклучат дека Словачка се движи кон автократски модел на владеење.
сд/фото:ЕПА .
Извор: МИА