Словачкиот премиер Фицо е тешко повреден откако беше застрелан од непосредна близина

Седумдесет и едногодишен маж, жител на село од централна Словачка, го извршил нападот врз словачкиот премиер Роберт Фицо, кој се наоѓа во животна опасност откако попладнево бил застрелан со три куршуми во градот Хандлова. Мотивот на нападот не е познат. Полицијата кажа дека напаѓачот пукал од пиштол што легално го поседувал.

Претседателката на Словачка, Зузана Чапутова, изјави дека атентаторот е уапсен и го опиша пукањето како напад врз демократијата.

Педесет и деветгодишниот Фицо, кој лани се врати на власт, беше застрелан пред локалниот центар за култура нешто по 14:30 часот, додека заминуваше од владина седница. Тој прво беше префрлен во локалната болница, а потоа со хеликоптер беше превезен во соседниот град Банска Бистрица. Словачките медиуми објавија дека Фико има рани на стомакот и рака и дека при доаѓањето во болницата бил свесен.

Словачката влада објави дека Фико е во животна опасност и дека следните часови ќе бидат клучни.

Фицо минатата година по четврти пат стана премиер на Словачка, која е членка на ЕУ и НАТО. За време на тридецениската кариера, Фико се движеше од прозападните до националистичките позиции што се спротивставуваат на политиките на ЕУ и САД. Во текот на кампањата за ланските избори изразуваше проруски ставови и кажа дека Словачка веќе нема да праќа воена помош во Украина.