Пендаровски го призна поразот

Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги образложувам. Сакам согласно резултатите кои ги видовме досега да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири односно пет години, рече актуелниот претседател на Македонија Стево Пендаровски.

– Мојот концепт за мултиетничка Македонија, целосно интегрирана во евро-атлантските процедури за жал денеска не доби поддршка од граѓаните. Меѓутоа ја сум длабоко уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава – рече Пендаровски на прес-конференцијата.

Тој додаде дека неговата совест е мирна.

– Не сум сигурен дали совеста им е мирна на оние кои теснопартиски или лични интереси денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори – рече Пендаровски кој уште еднаш им честиташе на победниците.

Сè уште актуелниот претседател им се заблагодари и на медиумите за успешната соработка во изминатите пет години и најави натамошна соработка во некое друго својство.

Запрашан дали смета дека неговиот пораз на изборите е поради политиките на СДСМ кои ги водеше, Пендаровски одговори:

„Долги месеци пред да ја најавам втората кандидатура реков дека е важно да имате партиска поддршка, бидејќи живееме во држава која е силно партизирана, но за жал партократските елити предводена од 15 политички партии. Уште пред нова година знаев дека не се во онаа кондиција којашто биле пред пет години. Меѓутоа анкетите покажуваа дека мојот личен рејтинг е над партијата и таа коалиција, а тоа ми даде надеж да се надевам повторно да бидам реизбран“.