Димески: Или заедно ќе градиме заедничка унитарна држава, или ќе завршиме како иницијална каписла за поширок балкански конфликт на кој крајот не му е предвидлив

Интервју со Игор Димески, советник во општина Центар и кандидат за пратеник во ИЕ 6

Антропол:  Како дел од советничката група на Левица во општина Центар, имате предложено иницијатива која за чудо беше прифатена од страна на СДСМ, за формирање на општинско претпријатие за производство на електрична енергија. До каде е имплементацијата на оваа одлична иницијатива?

И.Д: Претпријатието е веќе формирано, ДООЕЛ Енергија Центар, и веќе функционира. Обезбедена е кредитна рамка за наменско инвестирање и во тек е првиот тендер за поставување на првата фотоволтаична централа. Се надевам дека претпријатието ќе биде успешно, а се тоа зависи од домаќинското работење на менаџментот на истото.

Антропол: Зошто сметате дека е потребна национализација на клучните и стратешки индустрии? Како ќе допринесе ова за политичка независност и заштита на економските интереси на Македонија?

И.Д.: Не постои сериозна држава каде клучните ресурси не се под силна контрола на државата или во државна сопственост. На пример, преносна и дистрибутивна гасоводна мрежа, преносна и дистрибутивна мрежа за струја, големи производители на базна електрична енергија, како и големи хидроелектрани. Дополнително, железница и битни рудници.
Од сето ова погоре зависи стабилноста, независноста и оправданоста една држава да постои. Со распродажба на овие клучни ресурси не само што се прелеваат наши пари во приватни џебови туку и се губи оправданоста на постоење на државата.

Антропол: Вашите идеолошки противници чесно знаат да кажат дека „Државата претставува лош претприемач“, како ќе се осигурате дека инвестициите во стратегиските сектори (инфраструктура, енергетика, земјоделие) ќе бидат ефикасни и одговараат на потребите на граѓаните?

И.Д: Тој наратив е десничарска, империјалистичка, флоскула која служи за заплашување на народот од системот кој го нуди Левица, Нов Социјализам, се со цел непречено да продолжи исцицувањето на народните ресурси во грст олигарси. Ќе ве потсетам, не толку одамна живеевме во социјализам. Македонија како дел од СФРЈ има искуство во таков систем. Податокот дека од 1956 до 1976, период од 20 години, изградено е скоро се важно во СФРЈ. Од пруги, брани, патишта, фабрики, до спортски центри и туристички објекти и сето тоа добро функционираше до распадот на таа држава. Така да, тезата дека државата е лош стопанственик не е издржана.  Наспроти тоа, државата е одличен стопанственик ако во истата владее правото и системот на образование е на виско ниво, како што беше случај во СФРЈ.

Антропол: Кои се предностите од изградбата на реверзибилна хидроелектрана во државна сопственост, како што е “Чебрен и Галиште”?

И.Д: Како што спомнав погоре, сериозна држава не распродава вакви клучни ресурси туку сама ги гради и со нив стопанисува. Конкретно овој енергетски објект е од круцијално значење за електроенергетскиот систем ако се знае дека ќе служи за балансирање на истиот. Исто така, ако знаеме дека во подем е изградбата на фотоволтаични централи и ветерни паркови, тогаш овој енергетски објект станува неопходен за одржување на системот. Дополнително, ресурсот вода кој ќе се акумулира ќе е од огромно значење за развој на земјоделието и туризмот во тој крај.

Антропол: Кои се најголемите предизвици пред кои стоите како кандидат на изборна единица 6 и дали очекувате гласови и од албанското население?

И.Д: Да сум тотално искрен и директен, политиката која ја нуди Левица и ќе ја реализира, доколку добие поддршка од народот, е единствената формула за траен мир и соживот во Македонија. Денешната политика и онаа која актуелно се нуди од останатите политички партии неминовно ќе заврши со конфликт.
Перманентната сегрегација и гетоизирање ќе доведе до тотална некомуникација, а некомуникацијата помеѓу различните носи непознавање на едните со другите, а тоа е предуслов за кофликт. Невозможно е Македонците и Албанците да живеат во два свои света, а во една држава и тоа да заврши на арно. Политиката која ја нуди Левица е полититика на братство и единство сплотени околу економскиот напредок на Македонија и искоренување на сиромаштијата. Сите други политички излети, кои ги слушам од партиите кои наводно ги преставуваат Албанците во Македонија, неминовно ќе завршат со конфликт, кој сигурно нема да заврши само на територијата на Македонија.
Ова е буталната вистина. Друга нема.
Или ќе се сплотиме заедно да градиме унитарна, граѓанска држава Македонија, каде сите ќе работиме за подобро заедничко утре или ќе завршиме како иницијална каписла за поширок балкански конфликт на кој крајот не му е предвидлив.
Поради ова верувам дека многу Албанци ќе ја препознаат нашата искрена намера и ќе ни се придружат во нашата борба за просперитетна, народна држава. Дека можеме да живееме заедно и тоа квалитетно, дожаваме во СФРЈ каде 50 години живеевме во мир и соживот, но исто докажавме дека другиот непосакуван начин, кој сега се нуди, е крвав и со многу жртви (Босна, Косово, кај нас 2001г.) Кој пат ќе го одберат нашите сограѓани Албанци зависи само од нив и нивната поддршка на политичките понуди.
Јас искрено посакувам да ја одберат нашата политичка понуда која е единствена што нуди мир и соживот, а со тоа и градење на заедничка, граѓанска Македонија.