ДАРКО РИСТОВСКИ- Да се избориме заедно да го вратиме Карпош таму каде што му е местото – кај народот

Левица го претстави Дарко Ристовски – кандидат на Левица за градоначалник на Општина Карпош. Дарко се бори за: ослободување и демократизација на локалната самоуправа, вклучување на граѓаните и локалните активисти во креирање политики, системска борба против урбаната мафија, ревизија на сите спорни ДУП-ови, забрана за продажба на државно/општинско земјиште, зазеленување на општината. На веб страната на Левица беше објавен и неговиот личен профил:


„Роден сум 1979 година во Тафталиџе 2 како трета генерација која го почнува својот живот во оваа населба во која мојот дедо се населил во пост – земјотресно Скопје. Скоро целото мое формално образование е поврзано и поминато низ основните и средните училишта во Карпош. Славното „Јан Амос Коменски“ и исклучителното „Орце Николов“. Не може да се заборават убавите моменти од детството поминати на терените за кошарка во Братство и Коменски, целовечерните седенки на клупите пред Ванила и во Лептокарија.

Мојот интерес секогаш била Информатиката така што лесен беше изборот да се запишам на Природно Математичкиот Факултет на институтот за Информатика. Целиот мој професионален ангажман од своите 18 години е поврзан со и околу информатиката. Секогаш лојален и посветен вработен во компаниите кои ја препознаа мојата желба за напредување и докажување.

Со моите над 19 години работно искуство во полето на информатиката, како и посветеноста во спречување на уништувањето на единствената зелена оаза за Скопје, а тоа е Водно, воден од чистината на мислата која ја имам за општината во која твореле моите дедо и татко, а сега јас и моите три деца, дојде време да се избориме заедно да го вратиме Карпош таму каде што му е местото – кај народот.

Мотивација за вклучување во политика

Не смееме да останеме неми сведоци на целиот овој грабеж кој и се случува на нашата Македонија и на општините во кои живееме. Само преку политички ангажман и преку поддршка од вистинска политичка опција која не е обременета од долгови кој моќниците, можат да се направат вистински промени кои конечно треба да ги почувствува секој од нас, како народ кому оваа држва, нејзините градови и села му припаѓаат. Сѐ во животот имам постигнато преку посветеност, упорност, борба и неоткажување. Сметам дека и оваа војна за татковината ќе ја добиеме исклучиво на тој начин – посветено, упорно и преку борба!

Што сакам да постигнам и променам во моето опкружување и општеството?

Секоја индивидуа треба да се стреми да направи сѐ што може за да го подобри квалитетот на животот, пред се’ во својата непосредна околина, а потоа да делува и пошироко во својот град и држава. За жал, со години мојата општина се’ повеќе тоне во калта наречена алчност и профит на сметка на квалитетот на живот.

Со оваа кандидатура сакам да го ставам на располагање моето знаење, искуство и визија за создавање на општина која ќе нуди услови за достоен живот, според потребите на народот, а не на олигарсите и профитерите. Преку моите патувања и живот во градови како Њујорк, Лондон, Париз како и долгите професионални ангажмани и престој во преубавите Виена и Љубљана научив и видов дека урбаното и квалитетно живеење не значи пренаселување и масовна бетонизација, узурпирање на јавниот и зелен простор на еден град и општина. Ова лудило кое се случува мора да го запреме и да почнеме да градиме општина која ќе биде гордост и инспирација за сиот народ.

Зошто ја избрав и се кандидирам преку Левица?

Левица е единствената вистинска опција во 30 годишното постоење на независна Република Македонија. Веројатно Левица преку своите заложби и упорна борба за промени ме одбра мене, а не јас нејзе. Во Левица сум од 2018-та година. Сите членови, со својот посветен ангажман и ентузијазам, несебично допринесуваат симпатиите и популарноста на Левица да расте од ден на ден и на тој начин да се приближи до секој граѓанин. Нашите сонародници веќе препознаваат дека Левица е автентична и надетничка партија, која потекнува од народот и која за многумина е потребната искра во мракот.

Мојата порака до народот

Мои соседи, тафталиџани, карпошани, мои другари. Сега е шансата да направиме заедно промени за подобар живот. Сега е времето да кажеме јасно и гласно НЕ на тие кои со децении нѐ водат во бездна. Само заедно ќе ги вратиме светлите денови кога Карпош беше пример за позитивен развој во целиот град и држава. Да бидеме решителни и упорни во намерата за подобар живот. Да бидеме храбри во борбата и никогаш да не се откажеме. Оваа земја, овој град, оваа општина е наша и не смееме да ја оставиме на подарок на оние кои не ја заслужуваат.

Да гласаме ПРОТИВ нашите уништувачи и ЗА нови луѓе со нови идеи.