Интервју – Димоски: Советниците на Левица се единствените кои принципиелно се борат против сите штетни ДУП-ови

  • Интервју со Мартин Димoски – Советник во општина Карпош


Aнтропол: ВМРО – ДПМНЕ обвинуваше за кршење на процедурите во советот на општина Карпош. Што ќе се случеше доколку не се донесеше буџетот?

Димоски: Неносењето на Буџетот ќе значеше блокирање на општината во секој поглед. Со неносењето на Буџетот ќе требаше да се изгласа одлука за времено финансирање на општината. Тоа е дефинирано во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Во членот 28, став 3 е прецизирано дека за време на временото финансирање дозволена е исплата до една дванаесеттина од извршените трошоци во претходната година и тоа за секој месец посебно.

Тоа значи дека од износот на сите трошоци остварени минатата година, во јануари годинава ќе може да се користат само една дванаесттина.

Во време кога годината ја завршивме со инфлација од нешто над 9% па оттука, земајќи го во предвид општото зголемување на цените со зголемувањето на минималната плата на наставниците и останатите вработени кои директно се плаќани од Буџетот на општината, законскиот праг од максимум една дванаесеттина е прашање дали ќе беа доволни за нормално функционирање на општината. Тука се мисли на платите за вработените во образовниот сектор, за платите на општинската администрација, за договори за одржување на јавната хигиена, замената на светилки што како процес е започната минатата година, а има за цел до крајот на 2025 година да се сменат сите светилки на територијата на општина Карпош со штедливи и многу поефикасни. Исто така, неносењето на Буџетот ќе се одразеше и на исплатата на стипендии, еднократната помош како и на многу други проекти кои како советници им ги ветивме на граѓаните, а влегоа како дел од програмите за 2024 година.

Колегите од ДПМНЕ велеа дека тоа е сосема доволно, додека одговорниот за буџетирање во општината велеше дека нема да биде доволно. Но доколку е доволно, тогаш зошто ДПМНЕ го блокираат буџетот? Само поради театар.


Aнтропол: Советничката група на ВМРО – ДПМНЕ се произнесе дека со блокирањето на Буџетот се блокира и носењето на ДУП-овите. Дали сметате дека тоа е вистинската причина?

Димоски: Ваквите нивни изјави, нивните тврдења се рамни на безобразно манипулирање на жителите на општина Карпош, кои со право во сите овие процеси со носењето на урбанистички планови влегоа многу емотивно. И самите советници знаат дека носењето на Буџет со носењето на ДУП се две различни постапки. Па така, и да не се донесе Буџет, може да се донесе било каков урбанистички план токму поради тоа што двете постапки произлегуваат од различни законски решенија и не се зависни една со друга.

Со оваа несмасна одлука за блокирање, советниците на ДПМНЕ можеа да му ја направат и најдобрата услуга на Јакимовски. Со распуштањето на советниците, дел од ингеренциите ќе поминеа во рацете на Градоначалникот па така тој ќе имаше ексклузивно право да одлучува за точки за кои ние советниците макотрпно се бориме да не се спроведат, а кои се штетни по интересите на Карпошани.

Инаку по изгласувањето на Буџетот бројни граѓани ме контактираа телефонски, вознемирени, да прашаат дали навистина се изгласани урбанистичките планови. Крајно невкусно е што во празничните денови, ДПМНЕ со овие манипулации успеа да ги вознемири жителите на Карпош.


Aнтропол: Што сакаа да постигнат советниците на ДПМНЕ со блокадата од 4000 амандмани?


Димоски: За жал, по распаѓањето на коалицијата помеѓу ДПМНЕ и Јакимовски, советот почна да личи на ринг во кој нетрпеливоста и реваншизмот помеѓу ДПМНЕ и Јакимовски неколку пати ги помина границите на нормалноста. Благодарение на нив, советот наместо сцена на која ќе се решаваат проблемите на карпошани стана сцена од Монти Пајтон па така редовно, како увертира на секоја седница имаме неколкучасовни препукувања на теми кои многу често не се од никаков интерес на карпошани, а уште помалку ги тангира нив.

Според мене, токму и овие амандмани беа чин од драмата која ја гледаме веќе втора година на сцена.

Aнтропол: Во која насока се движи општина Карпош и што вие како советничка група ќе направите оваа година?

Димоски: Општина Карпош се вклопува во генералната состојба во Државата, а генералната состојба нималку не е добра. Некогаш општина Карпош беше општина за пример, денес не така. Всушност и не знам дали може некоја општина во Македонија да се издвои како пример. Сите имаат некакви проблеми, аномалии, дисфункционалности. Тоа што е општина Карпош денес е резултат на нефункционалнсота на системот, но и бројни штетни одлуки од минатото.

Враќањето на препознатливиот сјај на општина Карпош и унапредување на квалитетот на животот е тешка и макотрпна работа. Ние како советничка група уште во 2021 година направивме целосна платформа, концепт, кој треба да обезбеди хуман развој на општината, со социјална компонента која има за цел да го унапреди квалитетот на животот во општината. Изминатите две години преку најразлични начини предложивме иницијативи и одлуки. Дел од нив беа прифатени и реализирани или е во тек реализацијата, а дел од нив, поради немањето на волја кај останатите советници и Градоначалникот, не беа реализирани.

И во наредниот период ќе продолжиме во соработка со жителите на општина Карпош, да предлагаме најразлични иницијативи, проекти и предлог-одлуки кои се во согласност со изборната програма на Левица, а кои имаат за цел токму подобрување на состојбата во општина Карпош и унапредување на квалитетот на живот преку решавње на секојдневните проблеми на жителите.

Веќе се работи на новиот правилник за спорт кој ќе овозможи фер услови за младите и талентирани карпошани. Дополнително, во наредниот период ќе се реализираат и бројни активности кои беа инкорпорирани во годишните програми за работа на општината, токму по предлог на Левица. Исто така, некои од одлуките кои беа одбиени изминативе две години, а за кои сме убедени дека се од интерес на карпошани, повторно ќе ги ставиме на дневен ред.

Како плод на средбите со жителите во повеќе населени места изминатите 2-3 месеци, во наредниот период ќе доставиме и неколку иницијативи и предлог одлуки. Сепак, последниот збор за нивното реализирање ќе го имаат советниците и Градоначалникот.

Aнтропол: Кое е решението на Левица за справување со штетните ДУП-ови?

Во моментов Левица не е во позиција трајно да ги реши проблемите со штетните ДУП-ови. Причината за тоа е што овие урбанистички планови произлегуваат од законите, законските решенија и правилници кои изминатите децении се плод на потребите и интересите на урбанистичката мафија, а кои се носени од страна на пратениците и функционерите на СДС, ДПМНЕ и ДУИ.

Во ваква констелација, она што може да го направат советниците на Левица, а што всушност го прават веќе две години, не само во општина Карпош, туку и во другите општини ширум Републиката, е активна борба против штетните ДУП-ови и соработка со граѓаните во насока на спречување на нивно донесување. Ова вклучува масовно информирање на граѓаните, поднесување на забелешки т.е. анкетни листови, организирање, ко-организирање и поддршка на најразлични граѓански иницијативи и слично.

Трајното решавање со штетните урбанистички планови ќе се постигне во оној момент кога во целост ќе се изменат законите кои повеќе нема да ги фаворизираат потребите на урбанистичката мафија односно крупните капиталисти. За да се случи тоа мора да се променат и силите во Парламентот, нешто што сум повеќе од сигурен дека ќе се случи во мај годинава.