Апасиев ги повика СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да поддржат зголемување на рокот на застареност за кривично гонење

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на својот профил објави дека пратениците на Левица ќе поднесат Предлог-закон за измена и дополнување на Кривичниот законик, а со цел воведување на дупло поголем рок за застареност на кривичното гонење.

Поради играњето курташак со правосудниот систем, а во насока на заштита на јавниот интерес, пратениците на Левица ќе поднесат Предлог-закон за измена и дополнување на Кривичниот законик со кој ќе бараме воведување ДУПЛО ПОГОЛЕМ РОК ЗА ЗАСТАРЕНОСТ на кривичното гонење и на извршувањето на казната.

Баш да видиме дали бизнис крими коалицијата СДС-ДПМНЕ-ДУИ ќе го поддржат овој суштински антикорупциски закон?
– напиша лидерот на Левица.

Реакцијата на лидерот на Левица следи откако се поизвесна станува можноста да застарат кривичните дела за кои се гони поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Вчера Основниот Кривичен суд – Скопје ја објави пресудата за случајот „Титаник 2“, предмет што се однесува на изборни нерегуларности. Ова беше втора првостепена пресуда за „Титаник 2“, откако Кривичниот суд во 2019 година ги осуди обвинетите, но во декември истата година, Апелациониот суд поради суштествени повреди на постапката ја укина пресудата и случајот го врати на повторно судење. Инаку, апсолутна застареност на ова дело настапува во април годинава.

Исто така, и на поранешниот премиер Владо Бучковски претходно му застаре делото во предметот „Тенковски делови“.